Илустрација: „Нова Македонија“

Улогата на претседателот е да ги штити севкупните државни и национални интереси, односно да биде лидер на сите граѓани

Ако партиите го загубиле тлото под нозете во политичката пресметка, претседателот на државата треба да биде глас на разумот, тој што ќе им стави крај на поделбите и ќе биде фактор околу кој ќе се гради консензусот за сите прашања од национален интерес, без да зазема чија било страна и да влегуваа во нечии политички игри, жонглирања, па и сплеткарења

Туркањето на клучните одлуки важни за иднината на државата без внатрешен консензус сè повеќе го продлабочува јазот во македонското општество, кое во овие нешто повеќе од три децении е крајно поларизирано и максимално поделено по сите можни основи.

Поделби имаше кога земјата се зачленуваше во Обединетите нации на почетокот на 90-тите години на минатиот век, кога се случуваше приватизацијата на државните претпријатија, кога се менуваше државното знаме, за време на воениот конфликт во 2001 година, кога на маса се најде територијалната поделба, кога се потпишуваше Договорот за пријателство и соработка со Бугарија, кога во Нивици се стави параф на Преспанската спогодба, минатото лето кога беше понуден францускиот предлог, буквално секогаш кога требаше да се донесе некоја клучна одлука.

Она што беше заедничко за сите овие моменти беше тоа што никогаш за ништо не беше постигнат внатрешен консензус, туку секоја политичко-партиска номенклатура си ја туркаше сопствената агенда онака како што таа имаше замислено, но истовремено претставувајќи ги секогаш политичките опоненти како ретроградни сили што ја влечат земјата назад.

Таков е и последниот случај околу уставните измени што власта ги турка по секоја цена, а сите оние што се против ваквиот начин на носење на уставите измени ги претставува како антиевропски елементи. Кога општеството и онака е длабоко партиски поделено, сега се прави и дополнителна поделба на „Европејци“ и „антиевропејци“, без оглед што за стратегиската определба на земјава за членство во ЕУ отсекогаш имало широк општествен консензус.

Претседателот е тој што треба да го сплоти поделеното општество

Фото: Игор Бансколиев

Ако партиите го загубиле тлото под нозете во политичката пресметка, претседателот на државата треба да биде глас на разумот, тој што ќе им стави крај на поделбите и ќе биде фактор околу кој ќе се гради консензусот за сите прашања од национален интерес, без да зазема чија било страна и да влегуваа во нечии политички игри и сплеткарења.
– Мислам дека е подобро да се влезе во таа процедура (се мисли на уставните измени) за конечно кога ќе треба да се гласа, дали ќе биде тоа првото гласање за кое исто така се неопходни две третини или последното, да се издиференцираат оние два блока кои се веќе видливи во македонското општество на политичката сцена – изјави неодамна претседателот Стево Пендаровски.

Очигледно е дека и македонскиот претседател како да влегува во замката на политичките партии, кои меѓусебно си лепат етикети за про и контра Европа, па и тој врз основа на ставовите во врска со уставните измени, почна да „здогледува“ блокови што се за ЕУ и против ЕУ. Истовремено, токму претседателот Пендаровски пред извесно време упати жестоки критики на адреса на Брисел, што во согласност со логиките што се градат во последно време на македонската политичка сцена, го прави и него на некој начин „антиевропеец“ бидејќи се противи на „европската методологија“ донесена од францускиот претседател Емануел Макрон и ја оценува како неефикасна.

Парадоксално е од една страна да се етикетираат како „антиевропејци“ сите оние што сметаат дека земјава е уценета со уставните измени бидејќи тие не се дел од Копенхашките критериуми, а од друга страна да се гледаат „Европејци“ во тие што ги прекршуваат европските правила и процедури, за што неодамна беа опоменати токму од евроамбасадорот Гир.

Затоа улогата на претседателот секогаш мора да биде натпартиска, обединувачка, политички мудра и визионерска, за да можат граѓаните да имаат непристрасен лидер што ќе спречува општествени поделби по секоја основа, а од друга страна тој ќе биде човекот што ќе обединува, така што ќе инсистира на широк општествен консензус за сите важни прашања за државата, спречувајќи какви било поделби и квалификации.

Во Македонија сите се за ЕУ, разликите се во пристапот

Политичките аналитичари со кои се консултиравме категорично тврдат дека во земјава нема антиевропски сили, но има луѓе што сметаат дека Македонија заслужува подостоинствен пристап во Унијата, во согласност со критериумите и правилата по кои сите се зачленувале. Нивно мислење е дека претседателот на државата не смее по никоја основа да ги двои граѓаните, а најмалку онака како што тоа го прават политичките партии.
– Најмалку претседателот на државата треба да биде фактор за разединување на народот бидејќи во Македонија, ако се направи веродостојна анкета, сите ќе бидат европски ориентирани, без оглед што и да се подразбира под терминологијата „европско семејство“. Географски ние припаѓаме во Европа и треба да бидеме примени под условите под кои биле примени и другите актуелни членки на Унијата, ништо повеќе, ништо помалку – вели Ѓулистана Марковска, пратеничка во првиот парламентарен состав и коментаторка на политичките состојби во земјава.

Според неа, сосема друга приказна е што ние добиваме нови „задолжителни услови“ во кои спаѓаат промена на името на државата, на знамето, промена на Уставот и слично, па сето тоа создава кај луѓето противење на таквите уцени, но во никој случај тоа не значи дека оние што не се согласуваат со уценувачките практики се против евроинтеграцијата на земјата.
– Ние треба сами да поработиме на нашата домашна работа, а тоа се реформите во сите области и пред сè вистинска борба со корупцијата, а за сите други услови мора да имаме партиско-политички и поширок општествен консензус во кој нема место за „влетување“ на претседателот со поделби на Европејци и неевропејци. Што ќе правиме со другите тогаш? Ќе ги иселиме од државата? Нема место за нови поделби, особено не при обраќањето на претседателот на државата – категорична е Марковска.

И претседателот на институтот за демократија „Социетас цивилис“ и политички аналитичар, Марко Трошановски, е на ставот дека во Македонија нема никаков простор за поделба на оние што се за Европа и оние што се против, бидејќи, како што вели, сите сè за ЕУ. Поделбите, според него, ќе нè направат послаби во заштитата на државните интереси.
– Блоковското делење про и контра ЕУ не му носи никому полза. Декларативно во Македонија не постои ниту една партија што е против ЕУ, но тоа што некој има различна визија за тоа како треба да се изоди европскиот пат не го прави помалку Европеец или, пак, противник на овој процес. Тоа инсистирање на таа поларизација само ја поларизира јавната дебата и создава ривалски табори, а не табори што низ разговор и дијалог заеднички би дошле до позиции што се државен интерес – заклучува Трошановски.