Маргарита Алексиевска Склави-Ита, наша дизајнерка во Италија

Маргарита Алексиевска Склави-Ита, позната по својот бренд „Хаус оф Ита“, е мултимедијална уметница со потекло од Македонија, која по одреден период поминат во САД и во Англија се сели во Рим, каде што создава рачно насликани таписерии, украсени ткаенини во ограничени изданија и колекционерски парчиња мебел.
По повод Неделата на дизајнот во Милано во 2023 година, таа учествуваше во проектот организиран од Марија Виторија Паџини, која ги отвори вратите на својата „Каса Орнела“, галерија сместена во срцето на историскиот кварт Чинкве Вие во Милано.
– Она што ја издвојува мојата работа е умерената контаминација на традиционалните и современите елементи во играта на обединување и контрасти. Мојата работа е калибрација на медиуми, техники, стратификации, користејќи материјали што веќе имаат историја: накит и женска традиционална облека од различни региони на Македонија – вели уметницата.
„Хаус оф Ита“ сака да ѝ даде живот на деликатната мистериозна иконографија, проникната од чувство на надреалност и изненадување, кое му намигнува на надреализмот и открива влијанија што се движат од наивна уметност до магичен реализам, од руски конструктивизам до орнаментализам и митологија.
– Моите креации ги чуваат моите македонски корени и мултикултурно потекло и се дизајнерски амалгам роден од средбата меѓу Истокот и Западот – вели Маргарита Алексиевска Склави.
Малите варијации и малите несовршености на секое парче се знак за нивниот уникатен квалитет. Уметничката продукција вкрстува повеќе нивоа и прикажува сложен и високоизразен јазик. Еклектичен стил, за кој придонесува дуалистичката природа на нејзиниот пат: кон уметничката вокација, покрај кариерата на психијатар, убедена дека и двете активности се многу моќно средство за раскажување индивидуални и колективни искуства. Секоја колекција потпишана од „Хаус оф Ита“ е визуелна поема, нарација и одраз на имагинарниот свет на уметникот.
Нејзините дела се веќе објавени во престижни магазини за уметност и дизајн како: „Л декор“, „Италиа“, „Домус“, „Интерни“, „АД Италиа“, „Малмоон“, „Обџејт интернешнал“. Досега трипати учествувала на саемот за иновативен дизајн „Едит Наполи3, каде што била избрана меѓу најдобрите тројца уметници. Имала продажни изложби во „Контемпорари кластер“, „Апартаменто“ и „Палацо Бранкачио“ во Рим.
Неодамна учествуваше на престижната Недела на дизајнот во Милано, како дел од „Каса Орнела“ (Куќа на дизајн), која беше публикувана во над 20 најпрестижни магазини за уметност и дизајн, се најде на насловната страницата на „Мари Клер Маисон“ и беше избрана меѓу најдобрите изложби од „Артибјун“ од страна на ценетата италијанска кураторка и мецена Валентина Гуиди Отобри. В.Д.