Гвардиола стана само третиот менаџер што освоил три или повеќе вакви награди за најдобар менаџер на годината. За Хејс, пак, тоа е четврта последователна награда и вкупно шеста

ФУДБАЛ – АНГЛИЈА

Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, е прогласен за тренер на годината од страна на Здружението на менаџери во англиската фудбалска Премиер-лига. Тоа е третпат Гвардиола да го освои трофејот „Сер Алекс Фергусон“, за кој гласаат менаџерите во сите англиски фудбалски дивизии. Шпанецот (52) ја освои и наградата за менаџер на годината во Премиер-лигата, откако неговиот тим ја освои третата последователна титула и петта во претходните шест сезони.
Ема Хејс од Челси ја освои наградата во женската фудбалска Суперлига. Тоа беше нејзина четврта последователна награда и вкупно шеста. Под водство на Хејс, Челси ја освои четвртата домашна титула по ред и го освои ФА-купот третпат во низа.
Гвардиола стана само третиот менаџер што освоил три или повеќе вакви награди за најдобар менаџер на годината, што се совпаѓа со успехот на Дејвид Мојс, но, сепак, две зад Фергусон.
– Неверојатна чест е да се дојде до неговиот трофеј – рече Гвардиола.
Микел Артета од Арсенал, Роберто де Зерби од Брајтон, Еди Хау од Њукасл, Винсент Компани од Барнли и Стивен Шумахер од Плимут беа, исто така, во потесниот избор за менаџер на годината. Компани и Шумахер ги освоија наградите за најдобар менаџер на годината во дивизиите Чемпионшип, односно Лига 1, откако нивните клубови собраа по 101 бод на патот до титулите. Н.М.