Песни што ме тераат да играм

Пред некој ден решив да ја средам, исчистам, избришам, пребројам колекцијата на плочи. Доста се и знам дека ми треба доста време. Првата плоча што ја фаќам е „Maggot Brain“ и на неа стои само датум 6 јули, без година. Тој датум и таа плоча ме враќаат многу години назад. Осумдесеттите, јас, Шкотот и Рамбо, 15-16-годишни момчиња со малку пари во џеб, само со вреќи за спиење тргнуваме на 5 јули автостоп на одмор во Дубровник. Стигаме на 6 јули. Одиме во кампот на Бабин Кук, кога ни кажуваат колку пари е спиење, се откажуваме. Педесет метри подолу, ете ти ги Путица, Лорен, Дејан (се знаевме од МКЦ, не дојдовме заедно). Се договараме да спиеме во шумите, во грмушките на Бабин Кук, да не плаќаме во кампот.
Во тоа време имаше само три хотели таму, другото беше камен, грмушки, дрвја, боцки. Сега се само луксузни хотели, мегаресорти. Одиме по тоа грмушките, некои 20 минути да најдеме место каде што ќе ги ставиме ранците и вреќите, за да може да преноќиме. Од едно место слушаме музика, и тоа онаа нашата хипи-рокерска гитарска. Таму во тие џбунови имаше една ширинка каде што можеа да се сместат десетина души и тука го наоѓаме Зоран, 20-годишен хипик од Рума, сам, кој со себе носеше мини-грамофон на батерии само за сингл-плочи, студент по филозофија на белградскиот универзитет. Како што стигаме се запознаваме со Зоран и се сместуваме до него. Ни вели: „Момци сѐ е во ред, мило ми е што нема да бидам сам, но да знаете денеска цел ден јас ја пуштам само оваа песна“. Ја земам синглката во рака и на неа две песни, нa едната страна на корицата „Samba pa ti“ од „Сантана“, а на другата страна „Maggot Brain“. Поради тоа што беше на сингл-плоча, а и стилот на музика доста сличен долго време мислев дека и таа е од „Сантана“. Е таа песна ја слушнавме тој ден најмалку педесет пати. Низ разговорот со Зоран дознаваме зошто на 6 јули секоја година ја слуша само „Maggot Brain“. На негова четиригодишна возраст починува мајка му и тој останува сам со татко му. Татко му е сликар, човек со друг тип размислувања, прошетал доста од светот, дури бил и да гледа дузина концерти на гигантите на светската рок-сцена. Од секое патување носеше плочи. Зоран расне со татко му, но го чуваат и баба му и дедо му, и нормално дека татко му има огромно влијание на него. Цело време се заедно, овој го подучува синот за „Дорс“, „Бенд“, „Џенис“, „Грејтфул дед“, „Сантана“, претежно рок-ориентирани групи. Од едно од тие патување се враќа со синглот каде што ја има песната „Maggot Brain“. Толку многу ја засакале оваа песна што им станала химна, ја пуштале често. Кога Зоки наполнил 16 години, татко му му починува на раце по неколку години лекување, и тој знаејќи дека му доаѓа крајот цело време тие неколку дена пред да почине ја пушта само оваа песна. Починува на 6 јули и од тој ден и таа година Зоки на 6 јули по цел ден ја слуша само и само оваа песна.

А песната е прекрасна, неверојатна, и не е од „Сантана“, туку од групата „Фанкаделик“ или „Фанкаделик/Парламент“ (функ, рок, психоделија). Тоа е всушност група на гуруто на фанк-музиката, Џорџ Клинтон. Имаат три албуми и на последниот албум „Maggot Brain“, издаден во 1971 г. (спаѓа во првите 150 албуми на сите времиња), се наоѓа и 10-минутната песна со ист наслов. Легендата вели дека лидерот на „Фанкаделик“, Џорџ Клинтон, му рекол на гитаристот Еди Хазел (неверојатно запоставеното име на светската музичка сцена, кој бил тинејџер кога ја свирел песната), да свири како тукушто да ја пронашол својата мајка мртва. И Еди се внесол целосно. Во тие десет минути може да го слушнете неверојатниот звук на гитарата, но тоа не е само звук на гитара, тоа е плач на бебе пред тукушто породена мајка, тоа е звукот на вселенски брод што плови низ космосот, и болка и надеж во исто време, тука има почеток што те тера да се смееш, па како што напредува песната те тера да плачеш, за на крајот да се почувствуваш како целина. Ова е можеби најголемото гитарско соло на сите времиња. А емоциите што ги испраќа се многу поголеми отколку песни што имаат и текст.

Дубровник е секогаш величествен, особено ноќе. Одиме до стариот град, а таму мислиш цело Скопје се преселило, Пате, Наде, Весна, Лигавиот, Ајше… еден куп пријатели од Кеј и меѓу нив и Милчо Манчевски (тогаш не беше познат). И таман помисливме дека доста е цел ден слушање на „Maggot Brain“, кога на Страдун пред катедралата „Успение на Богородица“ двајца улични музичари ја свират феноменално оваа песна, а публиката како хипнотизирана, со отворени очи и отворени усти. Што ти е моќ на песна. Со Зоки се дружевме неколку дена, потоа отиде накај Макарска. Никогаш потоа не се чувме ниту видовме, а бев да го барам во Рума, и тоа трипати. Не знаеја за него и татко му или, пак, сум прашувал погрешни луѓе. Во секој случај, Зоране од Рума, или од каде и да си, ти благодарам што ме запозна со ова 10-минутно митско парче емоции што секогаш ме рестартира, ме обновува.

Автор: Љупчо Давчев