За државниот референтен интерес од кривичноправна заштита на македонскиот национален идентитет (2)

Фељтон

При проектирањето и димензионирањето на кривичноправната заштита на (елементите на) македонскиот национален идентитет, што подразбира и заштита на елементарните социјалноетички вредности на македонското општество и држава, потребно е да се развие сложен и повеќедимензионален безбедносен концепт на сеопфатна (што подразбира и суштинска кривичноправна) заштита на (елементите на) македонскиот национален идентитет (како посебен облик на заштита на уставниот поредок и безбедноста на македонската држава!), кој меѓу другите, потребно е да ги поседува и следниве клучни карактеристики: 1) сеопфатност – опфаќање на сите можни видови и облици на повреда или загрозување на (елементите) на македонскиот национален идентитет, со (во кривичноправна смисла) одредување строга форма и содржина на одредби (диспозиции [наредувачки и забранувачки] и санкции) на кривичното дело/кривичните дела, во кои ќе бидат определени поведенијата што е забрането да се вршат или, пак, мора да се вршат!; следствено, освен правната типологија на означување и типологизирање на можните поведенија, кои ќе бидат подведени под удар на Кривичниот законик на македонската држава – Република Македонија (која дополнително ќе биде од значење и во рамките на макрокриминолошките проучувања), постои научна и општествена оправданост комплементарна и со државната и социетална потреба од развивање јасна и прецизна криминолошка типологија на изворите, носителите, облиците и видовите повреда или загрозување на уставниот поредок и безбедноста на македонската држава – Република Македонија, вклучувајќи и на македонскиот национален идентитет, меѓу другото, повреди или загрозувања од позиции на противуставно дејствување од страна на носителите на бугарскиот, но и на други видови етнички и/или идеолошки мотивиран политички екстремизам; 2) превентивност – одвраќање од подготвување и вршење повреда или загрозување на (елементите) на македонскиот национален идентитет; 3) мултисекторски ориентиран безбедносен концепт на сеопфатна (вклучувајќи и кривичноправна) заштита на (елементите на) македонскиот национален идентитет, кој ќе ги опфаќа активностите на повеќе организациски елементи од македонската државна институционална мрежа, но и од релевантни и легални здруженија и фондации, како и од поединци – самостојни научници и друг вид самостојни истражувачи; 4) контекстуализираност – концептот е потребно да го нагласи значењето на перцепцијата на македонскиот народ и на другите граѓан(к)и на македонската држава – Република Македонија, која суштински учествува во одредувањето на македонската онтолошка, но и социетална безбедност, уважувајќи ги специфичните контексти на граѓан(к)ите на македонската држава – Република Македонија, кои имаат сопствено доживување на отсуството или присуството на повреда или загрозување на (елементите) на македонскиот национален идентитет, кој може да биде во спротивност со официјалните државни и/или супрадржавни ставови; 5) парцитипативен – што подразбира инклузивност, поврзаност и синергија на различни субјекти што ќе дејствуваат во насока на сеопфатна заштита, зачувување и одржување на (елементите на) македонскиот национален идентитет, кој произлегува од индивидуалната свесност и чувството на припадност на македонскиот народ со кој се солидаризираат и релевантен дел од другите народи во македонската држава – Република Македонија; и 6) евроатлантски компатибилен – концепт на проектирање кривичноправна заштита, кој нема и не треба да биде дијаметрално спротивен на правото на ЕУ, ниту пак на правната основа врз која функционира Северноатлантската договорна асоцијација (НАТО), чија членка е и македонската држава – Република Македонија.

Во оваа пригода нема да предложам и да презентирам конкретни правни формулации на инкриминацијата или инкриминациите со кои би се проектирала, димензионирала и остварила кривичноправната заштита на (елементите на) македонскиот национален идентитет, бидејќи генералната амбиција со научна, социетална и патриотска димензија во оваа колумна е презентирање на мојата идеја, која очекувам (не)формално да отвори и да актуализира дебата, односно расправа за (веќе одамна создадената) државна и социетална потреба и општоопштествената оправданост од проектирање и остварување кривичноправна заштита на (елементите на) македонскиот национален идентитет, но предлагам – во насока на определување и сублимирање на сите објективни и субјективни, формални и материјални елементи на (евентуалното означување и класифицирање како) кривично дело/кривични дела со кои се повредуваат или загрозуваат (елементите) на македонскиот национален идентитет, да се вклучи Одделението за нормативна дејност во кривичната материја, кое организациски е систематизирано во Секторот за правосудство при Министерството за правда, Институтот за национална историја, Институтот за македонски јазик, правните факултети, државниот Факултет за безбедност и другите високообразовни установи од областа на безбедноста, како и вклучување на други релевантни правни лица, но и релевантни поединци – самостојни научници и други самостојни истражувачи, кои би дале активен, влијателен, ефективен и ефикасен придонес во проектирањето на кривичноправната заштита на (елементите на) македонскиот национален идентитет.

Заклучувајќи го овој мој предлог за проектирање кривичноправна заштита на (елементите на) македонскиот национален идентитет, што наедно значи и предлог за инкриминирање на „новите“ неинкриминирани елементи на (реалниот) политички криминалитет во македонското општество и држава, ќе напоменам и ќе заклучам дека концептуализирано од национално-безбедносен, безбедносно-превентивен, но и од безбедносно-филозофски аспект и конкретно, од кривичноправен аспект, одамна е создадена зајакната државна и социетална потреба, односно зајакнат државен референтен интерес од проектирање и остварување кривичноправна заштита на македонскиот национален идентитет, како и на неговите елементи поединечно, која, меѓу другото, потребно е нормативно и практично да ги оствари, најмалку следниве категории на безбедносно-стимулирачки, односно заштитно насочени, меѓусебно зависни и каузално поврзани смисли: смисла на превентивност, смисла на организираност, смисла на (правно, морално и логички фундирана) заснованост, смисла на целесообразност, смисла на функционалност и смисла на вредност. Наведената категоризација и систематизација на смислите на наведената кривичноправна заштита ќе се оствари само ако се спроведе кривичноправна интервенција во една поранешна фаза, односно во фазата на (веќе отпочнатото!) подготвување и конкретно реализирање повреди или загрозувања на елементите на македонскиот национален идентитет, бидејќи илузорен ќе биде каков и да е облик на кривичноправна заштита, ако се допушти безбедносно-загрозувачките (не)насилни дејства од позиции на бугарски или друг вид етнички и/или идеолошки мотивиран политички екстремизам што се насочени кон повреда или загрозување на битието и основните белези на македонското општество и држава да развијат одредена повисока безбедносно-загрозувачка и погубна фаза на својата реализација.


Државна потреба од кривичноправна заштита на македонскиот национален интерес

Одамна е создадена зајакната државна потреба, односно зајакнат државен референтен интерес од проектирање и остварување кривичноправна заштита на македонскиот национален идентитет, како и на неговите елементи поединечно. Со оваа заштита е потребно нормативно и практично да се остварат следниве категории на заштитно насочени смисли: смисла на превентивност, смисла на организираност, смисла на (правно, морално и логички фундирана) заснованост, смисла на целесообразност, смисла на функционалност и смисла на вредност. Апсолутно е недопустливо безбедносно-загрозувачките (не)насилни дејства од позиции на бугарски или друг вид етнички и/или идеолошки мотивиран политички екстремизам што се насочени кон повреда или загрозување на битието и основните белези на македонското општество и држава да развијат одредена повисока безбедносно-загрозувачка и погубна фаза на својата реализација!

(Авторот е дипломиран криминалист и поранешен претседател на Форумот за безбедност)