„Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро е роман објавен како дел од проектот „Пораки на надеж: инспиративна европска литература“ на издавачката куќа „Артконект“, поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Во првиот век од новата ера, токму во периодот кога се одвива распнувањето на Исус Христос, еден млад Евреин по име Ури ќе се најде вплеткан во низа неочекувани настани, кои ќе го променат текот на историјата на неговиот народ.
Историските ликови и случувања во „Заробеништво“ се извонредно преплетени со фикцијата, што сведочи за вештината на авторот да ја употреби имагинацијата за да им додели на фактите комплексност и нови толкувања.
– Неверојатно е како фасцинантноста на историските ликови во книгата (како Калигула, Понтиј Пилат или Исус) е еднаква на онаа на ликовите што се измислени. Ѓерѓ Шпиро маестрално гради уникатен поглед кон бурната историја преку очите на неговиот скромен, обичен, секојдневен јунак – пишува
„Паблишерс викли“.
Ѓерѓ Шпиро (1946, Будимпешта) е современ унгарски писател. По студиите по славистика почнува да работи како новинар, а подоцна станува професор по книжевност на Универзитетот во Будимпешта.
Преводот на македонски на „Заробеништво“ е на Златко Панзов.