Во новиот 56-ти број (јануари-јуни) на угледната грчка ревија за култура „Енекен“ од Солун е објавен новиот расказ на нашиот писател Томислав Османли. Станува збор за краткиот расказ „Мајка“, во кој една вознемирена мајка, кучка, со помош на човек што ја сфаќа болката на живиот створ, ги спасува своите кутриња од под урнатините на катастрофален земјотрес. Расказот е работен според едно сугестивно видео во кое Османли ги препозна сите болки, возбуди и паники на блиските по затрупаните жртви на земјотреси. Во оваа прозна епизода со среќен крај, која нашиот автор ја напиша по повод неодамнешната турска земјотресна стихија, но врз видео од една друга сродна масовна катастрофа, се подразбира трагедијата на она огромно мнозинство што таа среќа ја немало… Поради тие згуснати пораки во чие средиште се мајчинската љубов и саможртва, но и човековата сочувственост, расказот „Мајка“ беше објавен низ различни медиуми, широко низ регионот: во повеќе списанија и портали, најнапред низ Хрватска каде што беше читан и на програмата на Хрватското радио, како и во БиХ, во Србија, кај нас на порталот Окно.мк, а еве сега и во грчкото списание од Солун.

Томислав Османли редовно соработува со реномираната ревија за култура „Ѐнекен“, која редовно објавува плејада од меѓународни автори, книжевни, есеистички и политички творби преведени од голем број светски јазици. Насловот на писанието « Ένεκεν » е изведен од старогрчкиот израз „Τιμής ένεκεν“, кој на латински се препознава како „Honoris causa“. Тематски разновидните творби на македонскиот автор, од оние лирични, носталгични, љубовни, сѐ до тревожните стории за балканскиот дел на холокаустот, редовно ги привилегира уредникот на списанието, поетот и издавач Јоргос Јанопулос. На еден од минатите саеми на книгата во Солун, тој говореше за книжевниот опус на Османли, со посебен акцент на неговата книга јудео-балкански раскази и новели „Светилка за Ханука“. Инаку, „Енекен“ беше списанието што прво ја објави песната «Έρως» на Томислав Османли по добивањето на првата награда на првиот по ред конкурс „Angelo La Vecchia-Анте Поповски“ во 2018 година во Италија, што во спомен на својата мајка Османли оригинално ја напишана на грчки јазик… Расказот „Мајка“ за новиот број на солунската ревија на грчки јазик го преведе самиот автор.