Првиот и третиот носител, Алкараз и Ѓоковиќ, може да се сретнат во полуфиналето, во другата половина на ждрепката е вториот носител Медведев, а други носители се Руд, Циципас, Руне… По 19 години, нема да игра рекордерот Надал. Во женска конкуренција носителки се ланската првенка Швјонтек, потоа Сабаленка, Пегула, Рибакина, Гарсија, Гоф…
ПОЧНУВА ТЕНИСКИОТ ГРАНСЛЕМ-ТУРНИР ВО ПАРИЗ
Со мечевите утре на земјените терени во Париз почнува 127-то издание на тенискиот гранслем-турнир Ролан Гарос, на кое први носители се светските рекети број еден, Карлос Алкараз од Шпанија во машка и Ига Швјонтек од Полска во женска конкуренција.
Новак Ѓоковиќ од Србија, шампион на првиот годинашен гранслем-турнир, Австралија опен, е во истата половина од ждрепката како и Алкараз, што значи дека би можеле да се сретнат во полуфиналето. Алкараз и вториот носител, Русинот Данил Медведев, кои славеа на САД опен во минатите две години, турнирот во Париз го почнуваат со мечеви со квалификанти, а третиот носител Ѓоковиќ, кој игра за рекордната 23-та гранслем-титула, треба да се сретне со Американецот Александар Ковачевиќ. Од другите носители, четврти е Каспер Руд од Норвешка, петти е Стефанос Циципас од Грција, шести е Холгер Руне од Данска…
Поради повреда од турнирот отсуствува Шпанецот Рафаел Надал, лански победник и најтрофеен на Ролан Гарос, со 14 титули. Тој во минатата недела објави дека нема да игра на Ролан Гарос првпат по 19 години.
Швјонтек во првото коло треба да се сретне со Шпанката Кристина Букса. Втора носителка е Арина Сабаленка од Белорусија, која победи на Австралија опен во јануари, а во првото коло игра со Украинката Марта Костјук. Во женска конкуренција носителки се и Џесика Пегула од САД, Елена Рибакина од Казахстан, Каролине Гарсија од Франција, Коко Гоф од САД…
Вкупниот награден фонд на Отвореното првенство на Франција за 2023 година е 49,6 милиони евра, а за победниците во поединечна конкуренција е предвидена награда од по 2,3 милиони. Н.М.