Ви претставуваме дела на кинески автори за млади: Џоу Син
Вчера беше седмиот роденден на Малата Шун. Нејзините родители ги прославуваа претходните родендени на различни начини, како на пример подготвуваа трпеза полна со вкусна храна и нарачуваа убава торта. Мајка ѝ ќе ги запалеше свеќичките, а татко ѝ ќе пееше „Среќен роденден“. Малата Шун ќе си замислеше желба додека свеќичките гореа, пред целото семејство весело да ја пресече тортата и да ужива во гозбата, поминувајќи топла и среќна заедничка вечер.
Овој роденден се чинеше ист како претходните, но Малата Шун почувствува дека срцата на нејзините родители се на друго место. Татко ѝ ја донесе храната на масата, а потоа го зеде мобилниот телефон и рече: „Ти ќе досредиш, а јас да ја завршам играта“. Мајка ѝ веќе го имаше земено мобилниот телефон в раце, ја сликаше храната на масата и направи селфи, кое го објави во албумот „Моите моменти“ на социјалните мрежи, чекајќи ги лајковите и коментарите од другите.
А Даи беше највнимателен, зјапаше во тортата и во чиниите на масата, исчекувајќи да започне гозбата.
„Каква е тортата годинава?“ – праша Малата Шун. Се сети дека тортата пред две години беше во форма на пони, додека минатата година беше во форма на Елза, нејзината омилена принцеза. Се прашуваше каква ќе биде тортата оваа година. Можеби во форма на голем пингвин?
„Ха-ха, тоа е изненадување!“ Откако конечно ја заврши играта, татко ѝ го спушти мобилниот телефон и ја скина лентата од кутијата за торта.
Кога кутијата се отвори, Малата Шун виде голем мобилен телефон. Не, тоа беше голема торта, торта во форма на мобилен телефон.
На „екранот“ на овој „тортовски телефон“ имаше лице на девојка, насмеана и навидум многу среќна.
„Зарем не е интересна? Многу е креативна, нели? Ги замолив да ја изработат со твојата слика. Кога ќе пораснеш, ќе ти дадам вистински голем мобилен телефон!“ – горделиво рече татко ѝ.
„Но, кога ќе ја исечам тортата, ќе го исечам мојот лик, нели? – намуртено одговори Малата Шун.
„Ајде, не биди таква! Се разбира дека тортата ќе се исече и ќе се изеде!“ – рече мајка ѝ додека снимаше кратко видео.
„Така е, Малечка Шун, брзо посакај желба и да ја исечеме тортата!“ – нетрпеливо рече А Даи.
„Добро…“ Малата Шун гледаше како мајка ѝ ги пали седумте свеќички на тортата, а татко ѝ ја најде песната „Happy Birthday“ на својот телефон. А Даи ги исклучи светлата и сите ракоплескаа додека пееја, гледајќи ја Малата Шун како си замислува желба.
Малата Шун ги затвори очите и си помисли: „Се надевам дека ќе можам да влезам во мобилниот телефон на мама и тато за да ме гледаат и да ме држат со најголемо внимание секој ден“.
Потоа ги дувна свеќичките и ги изгасна во еден здив. Кога светлата повторно се вклучија, пред очите на Малата Шун блесна светлина. Но не, не се беше лизнала во мобилниот телефон, туку тоа што го виде беше блесок на светлина од екраните на мобилните телефони на нејзините родители, кои ја сликаа со нив….