До изборите за Европскиот парламент има уште цела година, но политичките партии ширум Европската унија веќе наголемо се подготвуваат за политичката трка. Иако изборите несомнено ќе стават акцент на теми како климатските промени, имиграцијата и религијата, сепак, постои едно прашање што се чини дека ги обединува политичарите од сите партии: војната во Украина.
Повеќе од една година откако рускиот претседател Владимир Путин ја нападна Украина, кога станува збор за поддршката на украинската кауза, сите мејнстрим европски партии сè уште пеат по истите ноти. Но, надворешната слика за единство го маскира растечкиот конфликт околу срцевината на Европа: нејзината концепција за слободата. Иако е нашироко признаено дека борбата на Украина претставува борба за демократија и европски вредности, исто така е сè појасно дека победата ќе бара Европа да се откаже од некои од клучните елементи на сопствениот проект за слобода. Ова е парадоксот на слободата во Европа, пишува за „Проџект синдикејт“ Марк Леонард, директор на Европскиот совет за надворешни односи.
Во текот на изминатиот половина век, европските земји развија концепт на слобода што се потпира на универзализам, отфрлање на воена сила, економска меѓузависност, здружен суверенитет и идејата за Европа како единствен ентитет заснован на збир на заеднички институции. Оваа визија е она што ја разликува ЕУ од другите региони, па дури и од нејзините земји-членки. Но, војната во Украина ги доведе во прашање основните начела на блокот – отворајќи им го опатот на скептичните национални лидери да ги оспоруваат.
Додека Европејците претходно го гледаа нивниот проект како пост-национален, тие сега признаваат дека моделот на ЕУ е посебен, а не универзален. Во текот на изминатата година, европските креатори на политики интензивно се фокусираа на зајакнување на границите на ЕУ на исток и југ. Следствено, европската интеграција, која првично се стремеше за да се обезбеди мир на континентот, се трансформираше – ако не сосема во „воен“ проект, тогаш барем во вооружен проект за смирување и безбедност. Европските институции, кои некогаш се потпираа на мека моќ, сега обезбедуваат воена опрема за Украина и го одобруваат повторното вооружување на континентот, а Европската комисија ја вооружи економијата на ЕУ пo пат на санкции и ја забрза транзицијата кон воена економија, дополнета со рационализирање и контрола на цените на енергијата . Сепак, најдраматичната промена во европското политичко размислување е повторното ставање во игра на меѓузависноста. Европската интеграција се засноваше на верувањето дека продлабочувањето на економските врски меѓу земјите може да ги трансформира поранешните противници во сојузници. Меѓутоа, како што демонстрираше Путин, меѓузависноста може да биде користена и како алатка за изнудување.
Со децении наназад, главната цел на европскиот проект беше да се скроти национализмот преку здружување на суверенитетите. Но, сега, Европејците признаваат дека суверенитетот мора прво да биде заштитен пред да може да се здружи. Транснационалниот правен систем на ЕУ не може да послужи како универзален план ни за целиот континент, а камоли за светот. Во раните фази на војната, разликата помеѓу либералните вредности на ЕУ и нејзината воена мобилизација беше помалку изразена. Технократската Европска комисија ги поддржа воените напори застапувајќи мерки за вооружување и морално зајакнување на Украина во нејзината борба против руската агресија. Одлуката за доделување кандидатски статус на Украина претставуваше исклучителен чекор за блокот – брак помеѓу геополитичките императиви и алатките на бирократијата.
Во меѓувреме, и левицата и десницата мораа да ги прилагодат своите позиции за да најдат заеднички јазик за Украина. Европските либерали станаа помалку отпорни на национализмот и повеќе се усогласија со неопходноста од употреба на сила против Русија, а десницата беше принудена да го преиспита својот став за улогата на ЕУ како стратешки актер.
Глобалната финансиска криза од 2008 година и бегалската криза во 2015 година ја катапултираа екстремната десница во првите редови на политичката дебата. Но, неуспехот на Брегзит, заедно со пандемијата на ковид-19, доведе до пад на евроскептицизмот, при што конвенционалните партии „ќарат“ од желбата на јавноста за стабилност.
Анкетата на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР) покажа дека за време на овие кризи, многу десничарски гласачи признаа дека суверенитетот може да се врати само преку колективна акција, а многу поранешни евроскептични партии се откажаа од своите ветувања за излегување од ЕУ или откажување од еврото.
Гласачкото тело ширум Унијата помина низ слични промени. Последното истражување на јавното мислење на Европскиот совет за надворешни односи покажува се поголема фузија на национализмот и космополитизмот под европската идеја за слобода. Оваа промена, поттикната од војната во Украина, точно ја дефинира суштината на европскиот проект и на долги патеки ќе доведе до борба за европскиот идентитет. Оттука, претстојните европски избори би можеле да послужат како предводник на промените.
И покрај тоа што европските партии во моментов се обидуваат да се надминат меѓусебно во искажувањето поддршка за Украина, трнливите прашања како што се водењето на војната, третманот на бегалците и начинот на интегрирање на повоена Украина во ЕУ може повторно да ја поделат Европа. Доколку дојде до замор од војната, бегалската криза и високите трошоци за живот, европските избори во 2024 година би можеле да станат ново бојно поле.
Подготви: Валбурга Батева Николоска