Собраниската Комисија за европски прашања попладнево ја заврши расправата за Предлог-законот за измени и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка, и го проследи на натамошна постапка во Собранието. Во попладневниот дел од работата, Комисијата не усвои ниту еден од седумте предложени амандмани за предлог-законското решение од страна на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
Веднаш по завршување на амандманската расправа за збор се јави заменик-министерот за транспорт и врски Беким Реџепи кој истакна дека со измените на Законот за урбанистичко планирање се воведува нова метода која ќе биде употребена за изградба на автопатите и гасоводите и која, како што рече, ќе даде подобри и побрзи резултати.
-За изградбата на проектите кои се од стратешко значење се менува процедурата за градба која ќе овозможи многу поедноставна и побрза реализација на проектите – рече Реџепи.
По завршувањето на неговиот говор, Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ во процедурална забелешка рече дека е вообичаено претставникот на Владата да даде образложение за измените на почетокот на расправата, а не на нејзиниот крај, за да можат пратениците со контра аргументи да му реплицираат на говорот. Таа побара на утрешната седница на Комисијата прво предлагачот да ги образложи измените на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за градење, по скратена постапка, а потоа пратениците да расправаат, што беше прифатено од заменик-министерот.
Претходно, во својот говор Лидија Петковска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека измените на законското решение значат суспендирање на македонското право со злоупотреба на европското знаменце и дека се надвор од секоја правна логика.
– Законите не смеат да се менуваат заради одреден проект, туку треба да воспостават систем за заштита. Со тоа што се крие договорот со „Бехтел и Енка“ и од колегите со безбедносен сертификат само ги потврдувате нашите сомнежи, бидејќи странско правно лице не може да биде создавач на класифицирани договори. Тоа е дерогирање на целокупниот законодавен систем во земјава и лош пример на озаконување на криминалот и корупцијата. Не може нешто да биде јавен интерес, а јавноста да е целосно исклучена – оцени Петковска, додавајќи дека како партија не се против градење, туку против распродажба на државните интереси.
Нејзината сопартијка Дафина Стојаноска во својот говор рече дека во коресподентната табела за усогласување со европското законодавство, заради што измените и дополнувањата на Законот за урбанистичко планирање се носат по скратена постапка и со европско знаменце, нема ни име и презиме на потпишан функционер, ниту датум, туку само потпис.
-Како утврдивте дека изградбата на автопатите ќе чини 1,3 милијарди евра без никаков проект. Имате ли претстава што може да се случи при изградба на патот – мостови, клучки или тоа ќе значи уште пари. Без проект ли утврдувате дека ќе чини 1,3 милијарди евра или тоа го кажавте од око. Како може без експертиза и без јавна расправа да се одреди сумата. Поддржувате или премолчувате криминал, а тоа е казниво. Најсиромашна држава сме во Европа, а ќе платиме најскап автопат, барем двојно поскап од вообичаено – рече Стојаноска.
Собраниската Комисија за европски прашања утре ќе ги разгледува Предлог-измените на Законот за градење, кој е дел од петте закони потребни за реализација на договорот со „Бехтел и Енка“ за изградба на коридорите 8 и 10д. Претходно, Комисијата на натамошна собраниска постапка ги проследи и измените и дополнувањата на Законот за работните односи.