Ние не бараме од опозицијата да го поддржи премиерот Димитар Ковачевски. Бараме од опозицијата да го поддржи евроатлантскиот пат на Северна Македонија, изјави заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во интервју за Гласот на Америка (ВОА).
-Ние не бараме од опозицијата да го поддржи премиерот. Бараме од опозицијата да го поддржи евроатлантскиот пат на Северна Македонија. Ова е најдобриот договор што го добивме. Тој е разумен, мислам засега, и треба да продолжиме напред што е можно побрзо. Затоа, се надевам дека сите страни на политичкиот спектар ги поддржуваат потребните промени за да можеме да продолжиме напред во унапредување на кандидатурата на Северна Македонија – изјави Ескобар.
Ескобар во интервјуто за ВОА не ја коментираше суштината на дипломатските разговори кои се водени со опозицијата во земјава, но додава дека имаат некои свои мислења за тоа.
-Она што би сакал да го слушнам од опозицијата е посветеноста на патот на евроатлантските интеграции – нагласува Ескобар.
Премиерот Ковачевски и владина делегација беа во посета на САД каде имаа повеќе средби, меѓу кои, и со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.