Предлозите за отворени изборни листи, според дефинициите, треба да овозможат токму гласачите да влијаат на распоредот на кандидатите од листата што би влегле во парламентот. Односно, базичната идеја на принципот на отворени листи е дека влегувањето во пратеничките клупи нема да биде исклучиво според распоредот на протекционата листа определена од партијата односно лидерот, туку електоратот со заокружување одредени кандидати од таа листа може битно да влијае тие да избијат понапред и да освојат пратенички мандат. Секако, таквиот принцип значително би ја унапредил и внатрепартиската демократија, би привлекол поквалитетни и покомпетентни кандидати, со што би се зголемила и одговорноста во политичка смисла, и на поединецот и на партијата, во насока на спроведување на политиките во интерес на граѓаните…
До изборен модел со кој ќе се добијат носители на јавната власт со полна одговорност за своето работење
Во оживеаната дебата за измени на изборниот модел, претставникот на ДУИ, пратеникот Арбр Адеми го изнесе партискиот став за оваа тема, пласиран како понуда-предизвик: една изборна единица, отворени листи и изборен праг од 5 отсто. Во веќе двегодишниот отворен собраниски процес на постоење на предлог-закон за една изборна единица, токму партијата ДУИ имаше најголеми резерви, додека другите големи партии барем декларативно имаат дадено поддршка, иако можеби без преголема агилност за конечна реализација. Од друга страна, и меѓу самите иницијатори на предлог-законот за една изборна единица, од помалите парламентарни партии, постојат разлики за опцијата на отворените листи, а главно нема поддршка за моментот на изборен праг, особено толку висок за македонски услови од 5 отсто.
Сепак, „понудата“ на ДУИ за моделот на една изборна единица со отворени листи и изборен праг претставува легитимен предизвик на партиите за анализа на заемното влијание на сите овие компоненти врз изборните резултати што би се добиле со нивната примена, но уште поголем предизвик за граѓаните што анализираат кои се промените во изборниот модел што ќе донесат квалитетни народни избраници и носители на јавни функции што ќе имаат знаење, вештини, искуство, компетенција, но пред сѐ и над сѐ што ќе носат полна одговорност за спроведувањето на политиките за општото добро на сите граѓани и на државата, кои ќе носат одговорност од политички, правен и морален аспект, што е нешто што недостига во системот на владеење и управување.
– Математички гледано, моделот со една изборна единица нуди најточно пресликување на волјата на граѓаните, т.е. нивниот глас на изборите, пресликана во број на пратенички мандати. Со сегашниот модел од шест изборни единици има загуби на гласовите што не се ефектуираат во пратенички места, практично кај сите партии, но тоа е особено важно за помалите партии. Може да се случи освоените гласови (претежно на помалите партии), пресметано на територија на целата држава, практично да пропаднат. Може да се случи некоја партија да има освоено 36.000 гласа, вкупно во сите изборни единици, а да не добие ниту едно пратеничко место. Затоа, математички, една изборна единица е најрепрезентативен модел што ја изразува волјата на граѓаните, но слабоста е што на тој начин би се создал шаренолик парламентарен состав, што би создало поголеми предизвици за составување влада – вели политичкиот аналитичар Петар Арсовски.
Како илустративен пример за предизвиците на моделот со една изборна единица и прешарениот состав од политички опции во парламентот што се добива со тоа, најчесто се наведува примерот на Италија, која за 15 години имала околу 60 влади токму поради големиот број пратеници што не биле дел од една хомогена група. Токму поради таквата „опасност“ во постизборниот процес за составување влада со моделот на една изборна единица, се препорачува тој да се практикува со органичувачката опција на изборен праг, т.н. цензус.
– Со изборниот праг практично се прави селекција, односно се одредува минимум на освоени гласови за партиите на изборите, кои би биле земени во обѕир за добивање пратенички места. На тој начин се става под извесна контрола релевантноста на политичките субјекти/партиите што би влегле во парламентарниот состав. Практично, оние политички субјекти што нема да освојат гласови колку што се определени со изборниот праг, нема да бидат земени предвид за добивање пратенички мандати. За висината на изборниот праг, во принцип, треба да се договорат партиите, но законските контури ги определува регулаторот (кај нас Државната изборна комисија – ДИК), во координација со Министерството за правда. Од меѓупартискиот договор зависи и дали изборниот праг ќе се пресметува од вкупното гласачко тело, запишано во официјалниот избирачки список, или според одѕивот на граѓаните (излезеноста на гласачите) во конкретниот изборен процес. Сепак, изборниот праг од 5 отсто, во Македонија, со избирачки список од 1.800.000 гласачи, од кои со практиката, максимумот на одѕивот на избори е околу 1.400.000, е реално висок, особено за помалите партии. Но и договорот за изборен праг секако треба да биде предмет на меѓупартиска дебата и консензус – вели Петар Арсовски.
Предлозите за отворени изборни листи, според дефинициите, треба да овозможат гласачите да влијаат на распоредот на кандидатите од листата што би влегле во парламентот. Односно, базичната идеја на принципот на отворени листи е дека влегувањето во пратеничките клупи нема да биде исклучиво според распоредот на листата определена од партијата, туку гласачите со заокружување одредени кандидати од таа листа може да влијаат тие да избијат понапред и да освојат пратенички мандат. Секако, таквиот принцип значително би ја унапредил и внатрепартиската демократија.
– Отворените листи секако би ги направиле поодговорни партиите спрема гласачите, кои во изборните теории сѐ почесто се нарекуваат конституенти. Со затворените изборни листи, застапеноста и позицијата во нив, во партиската практика најчесто се добива во зависност од блискоста на кандидатите, пред сѐ со лидерот на партијата. Со отворените листи, гласачите со својот избор ќе имаат влијание кој може да избие понапред на листата и да добие пратенички мандат можеби пред некој партиски фаворит. Треба да нагласиме дека постоењето на изборен праг нема влијание на факторот на отворените изборни листи. Изборниот праг одредува дали воопшто партијата влегува во кругот на субјектите што имаат право на пратенички мандати. Доколку партијата го мине цензусот, за персоналниот состав на оние што ќе ги добијат пратеничките мандати од одредена партиска изборна листа, доколку таа е отворена, ќе играат голема улога преференцијалните гласови – објаснува Петар Арсовски.
Според Арсовски, постојат повеќе начини како да се организира изборен процес со отворени изборни листи, но тој нагласува дека секој од тие модалитети носи сериозни предизвици за изборниот процес. Во случај на една изборна единица, изборните листи би требало да бидат со 120 кандидати, колку што има пратенички места во македонското собрание.
Најдемократскиот, но и најкомплициран начин со отворени изборни листи, би бил гласачите да прават избор на сите 120 кандидати. Пореална опција е со т.н. преференцијални гласови, односно да се ограничи изборот на три, четири, пет или повеќе кандидати од листата… А постојат и хибридни модели, каде што на пример првите десетмина од листата би биле фиксни, односно не би биле предмет на преференцијално гласање и би влегувале во парламентот автоматски доколку партијата добие повеќе мандати. За преостанатите освоени мандати би играле улога освоените преференцијални гласови.
Според повеќе аналитичари, партиите внимателно и со посериозна анализа ја разгледуваат опцијата за отворени изборни листи, со оглед на компликациите што би можеле да се јават во текот на самиот изборен процес: од продолжување на времетраењето на самото гласање до поголем ризик од грешки при пребројување на гласовите.
Но, настрана партиските потесни интереси, интересот на граѓаните во најширока смисла на зборот е приоритет над приоритетите. Всушност, многумина аналитичари во разговорот, во прв план ги ставаат интересот на граѓанинот, кој тежнее да добие изборен модел преку кој граѓанинот ќе избере и добие носител на функција што е одговорен првенствено кон своите сограѓани севкупно во државата, „ќе добие кандидат што ќе умее и може, кој ќе спроведува политики врз основа на Уставот и на законите, без злоупотреби, ќе практикува политики за општото добро на сите граѓани и на државата“. Соговорниците аналитичари наедно истакнуваат дека како последно, но не најмалку важно, е тежнеењето на граѓанинот да „биде избран кандидат што апсолутно и безрезервно ќе презема одговорност од политички, правен и морален аспект, што е нешто што недостига во системот на владеење и управување“.