Флагрантните обиди насочени за постигнување наше национално деноминирање и стремежот на радикалните бугарски структури за асимилација на македонскиот народ и за остварување на нивната цел, односно „докажување дека Македонците се Бугари“, се прави и низ една друга, многу посуптилна димензија, а тоа е – образованието!
Во овој контекст, многу наши соговорници предупредуваат на латентната, не толку видлива опасност, на еден сериозно осмислен долгорочен план за денационализација на македонската супстанција, а тоа е „планот за ревизија на едукативната граѓа во македонското образование, и тоа на сите нивоа“!

Зошто Софија инсистира да се направат измени во нашето образование по нејзин терк

Факт е дека официјална Софија во своите испорачани барања до Македонија, како нивен „услов без кој не се може“ продолжувањето на интегративните процеси на Македонија, ги става во преден план идентитетските прашања, негирајќи го постоењето на македонскиот народ со својата посебност и вековна историја, како и негирањето на македонскиот јазик, инсистирајќи на ревизија на историските факти и нивна промена по бугарска матрица.
Но флагрантните обиди насочени за постигнување наше национално деноминирање и стремежот на радикалните бугарски структури за асимилација на македонскиот народ и остварување на нивната цел, односно „докажување дека Македонците се Бугари“, се прави и низ една друга, многу посуптилна димензија, а тоа е – образованието.
Во овој контекст, многу наши соговорници предупредуваат на латентната, не толку видлива опасност на еден сериозно осмислен долгорочен план за денационализација на македонската супстанција, а тоа е планот за ревизија на едукативната граѓа во македонското образование, и тоа на сите нивоа!

Сегментот на образованието во фокусот на радикалните ревизори од Бугарија

Соговорниците алармираат дека токму сегментот на образованието (преку инсистирањето за ревизијата на учебниците по историја, македонски јазик и литература итн.) е суштински и неизбежен дел во фокусот на речиси секој договор наметнат од Софија, а потпишан помеѓу Македонија и Бугарија.
Свое гледиште за македонското образование, токму во корелација со Договорот за пријателство и добрососедство, искажаа доц. д-р Игор Јуруков од Институтот за историја при Филозофскиот факултет и проф. д-р Иванка Василевска од Правниот факултет во статијата „Статусот на македонското образование после Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија од 2017 година во меѓународното списание „Iustinianus Primus L. Rev. 1 (2022)“.
Споменатите автори препознаат дека посебен акцент бил ставен на образованието, поточно на учебниците по историја, дополнително за македонски јазик и култура. Професорите во својата анализа аргументирано ја демаскираат намерата на официјална Софија, која преку специфични и суптилни методи, низ процесот на образование на сите нивоа во Македонија, сакаат постепено да внедрат историски невистини и ставови што ги претвораат и реконструираат бугарските барања како вистински и фактички.
– Развиена е цела стратегија што опфаќа повеќе сегменти што треба да бидат спроведени низ повеќе нивоа на македонскиот образовен систем, заради докажување одредени бугарски тврдења и прифаќање од страна на училишните деца и младина – вели проф. д-р Иванка Василевска од Правниот факултет „Јустинијан Први“.
– Затоа следен чекор и следен нивен напор е промена на образованието, на историјата, внесување на бугарските историски теории во македонските учебници, а потоа и едуцирање лица што ќе ги бранат овие теории по национален клуч и кои со помош на алатката „балансер“ ќе станат дел од институциите во целост, со намера истите тие да бидат членови на институциите што се од клучно значење за државата (образование, одбрана, полиција, култура и др.), и тоа како бугарски граѓани во Македонија, кои ги исполнуваат бугарските хегемонистички, неуставни и незаконски барања – вели проф. д-р Иванка Василевска.

Студијата „Бугарската политика спрема Република Македонија…“

Во март 2008 година, книгата со наслов „Бугарската политика спрема Република Македонија: Препораки за развој на добрососедски односи по приемот на Бугарија во ЕУ и во контекст на проширувањето на ЕУ и НАТО во Западен Балкан“ беше претставена пред група дипломати, политиколози и експерти во хотелот „Шератон“ во Софија. Истата година, предлогот за бугарската политика кон Македонија е претставен пред надлежните државни бугарски институции. Во споменатата бугарска стратегија, откриваат нашите соговорници, се опфатени повеќе сегменти, а конкретно за македонското образование се вели: „Престанување на образованието по историjа со учебници што целосно jа фалсификуваат историjата и содржат навредливи квалификации за бугарската држава и нациjа, кои граничат со отворен расизам. По бугарско барање, во учебниците, официjално одобрени од надлежните органи на Република Македониjа, категорично да биде истакната бугарската народносна припадност на истакнати фигури од нашата општа историjа, како Св. Климент Охридски, цар Самуил, браќата Миладиновци, Гоце Делчев“. Според нив, стратегијата во публикацијата „Бугарската политика спрема Република Македонија“ објавена во 2008 година, исклучително јасно се препознава во Договорот за пријателство и добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија и истата таа „на директен и непосреден начин задира во процесите на македонското образование“.
Анализирајќи го ова прашање, како и други сегменти од споменатата стратегија, проф. д-р Иванка Василевска посочува дека стратегијата е препознатлива во низа совпаѓања од идеолошки аспект, отворени политички аспирации и идентификување на македонското со бугарското минато, со цел да продолжи асимилаторската политика кон Македонците веќе видена низ вековите.
– Се оспорува и историјата на Македонија каде што Бугарите не се „грижат“ само за себе туку и за соседите, на кои Македонците им ја „украле“ историјата. Бугарите покрај за македонската историја од кој било пeриод, се „грижат“ и за името „Македонија“, за кое велат: „Самото име ’Република Македониjа‘, подоцна, поради недобрососедската политика на Скопjе создаде проблеми во традиционалната употреба на името ’Македониjа‘ за другите позначаjни делови на географскиот регион со исто име – Бугарска (Пиринска) Македониjа и Грчка (Егеjска) Македониjа“ – посочува Василевска.
Во бугарската т.н. стратегија, професорите детектираат дека „се посочува дека македонскиот образовен систем (од основно училиште до универзитет) е основен инструмент за создавање силни и масовни антибугарски ставови меѓу населението на Република Македониjа (убедување дека Бугариjа е окупатор, асимилатор, разделител на македонскиот етнос), ставови на кои политиката на Македониjа останува постоjан заложник независно од политичките промени и смени на власта“. Соговорниците укажуваат дека „Бугарија ќе инсистира на почитување на нејзините определби за идентична етногенеза, барање Македонците да се прогласат за Бугари, а македонскиот јазик да биде прогласен за дијалект на бугарскиот“. Анализирајќи го посоченото, експертите нагласуваат дека голем дел од стратегијата е преточена во Договорот за пријателство и добрососедство помеѓу Македонија и Бугарија.