Пратениците вчера на пленарна седница ја усвоија потребата по скратена постапка да се донесат измените на петте закони означени со европско знаменце поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д. Заседаваше и матичната Комисија за европски прашања, која е следниот филтер за законските измени, но само го утврди дневниот ред и според најавите денес треба да почне расправата.
Опозициските пратеници во расправата и на пленарната и на комисиската седница го оспоруваа означувањето на законите со европско знаменце и ги повторија обвинувањата дека со тоа што не е објавен Договорот со стратешкиот инвеститор, американско-турскиот конозорциум „Бехтел и Енка“, се остава простор за сомнежи за корупција, како и дека ќе се плаќаат стотици милиони евра за аванси и пенали. Од делегацијата на ЕУ во државава повторија дека загрижува означувањето со европско знаме на закони кои не се дел од усогласувањето со легислативата на ЕУ, а од владејачката СДСМ, пак, порачаа дека законските измени заштедуваат 150 милиони евра на граѓаните и две години помал рок на изведба.
На предлог на Владата, вчера на 115. собраниска седница беше изгласана потребата по скратена постапка да се донесат законите за изменување и дополнување на законите за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола), за урбанистичко планирање, за градење, за експропријација и за работните односи, сите по скратена постапка. Овие закони претходно беа предложени од група пратеници, а по блокадата во комисиите од опозициски пратеници, повторно беа предложени минатата недела овојпат на предлог на Владата и со европско знаменце.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски во текот на собраниската расправа рече дека владејачкото мнозинство го крши највисокиот акт во државата и Деловникот на Собранието.
Тој рече дека се злоупотребува европското знаменце, што според него ќе значи дека ќе има опструирана дебата како и ограничена амандманска расправа по овие закони. – Ова е предвидено со членот 135 од Деловникот при што треба да се наведат податоци за изворниот акт на ЕУ со полн назив, како и изјава за усогласеност. Потпис на надлежниот министер, како и јасно наведување на правниот акт на кој се однесува извршеното усогласување. Тоа го немаме. Празни се коресподентните табели. Ништо од ова не постои во содржината на законите и токму поради овие неправилности требало овие закони да бидат вратени на владина седница, а не да продолжат со продолжена процедура по истите, оцени Мицевски.
Постапката за законите, како што се изјаснија во текот на собраниската дебата, е неприфатлива и за пратениците Борислав Крмов од Левица, Павле Трајанов од Демократскиот сојуз и Маја Морачанин од ДОМ, кои исто така укажаа дека со нив не се врши усогласување на законската регулатива со европското законодавство.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, најави дека ќе упатат допис до сите институции и до амбасадите во државава на земјите членки на ЕУ и до Европската комисија (ЕК) за злоупотребата на европското знаменце. Како што изјави, чека реакција од Канцеларијата на Европската комисија во државава, а очекува реакција и од амбасадорите од земјите членки на ЕУ.
Протоколот што вчера го потпишаа министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговата колешка од Бугарија Теодора Генчовска е дипломатски нокаут и капитулација, смета лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
-До овој момент нема никаква реакција. Очигледно дека тие се злоупотребени во овој процес или јас барем така сакам да верувам. Но, доколку остане тишина, односно доколку остане без реакција, тогаш основано можеме да се сомневаме дека станува збор за нешто друго. ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија силно ќе се спротивстави, иако процесот на носење на овие закони онаков каков што е замислен во рамките на Парламентот е на брза лента, бидејќи токму таа е и намерата на злоупотребата на ова европско знаменце, но ние нашите аргументи ќе ги кажеме таму за да може јавноста да ги слушне и силно ќе се бориме тие аргументи практично да преовладаат за време на таа дебата – изјави Мицкоски.
Според Мицкоски, во државава како земја кандидат на отворена сцена се кршат европските вредности, а вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ треба да си поднесе оставка, затоа што, како што рече, тој јавно признава дека поддржува кршење на законите и процедурите.
Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир во одговор на новинарско прашање повтори дека системот на европско знаменце се користи кога се усогласува домашната легислатива со легислативата и стандардите на ЕУ.
– Европското знаменце постои бидејќи на патот кон ЕУ, Северна Македонија, но и другите држави, треба да усвојат повеќе делови од законодавството, за што е потребно многу време во Парламентот. Ќе бидат потребни децении доколку се усвојат сите делови од законодавството, ако процесот се одвива во нормални услови. Затоа го имаме европското знаменце. Европското знаменце може да го користите кога ја усогласувате вашата легислатива со легислативата и стандардите на ЕУ. Не загрижува означувањето на законите поврзани со коридорите 8 и 10д со европско знаменце, со оглед на тоа што тука нема усогласување со стандардите на ЕУ – изјави Гир.
Од владејачката СДСМ, остануваат на ставот дека законските измени со европско знаменце заштедуваат 150 милиони евра на граѓаните и две години помал рок на изведба, а важат не само за коридорите 8 и 10д туку и за проекти финансирани од ЕУ.
Во реакција на изјавата на Мицкоски, СДСМ оцени дека тој е против ЕУ и оти заедно со лидерот на „Левица“ Димитар Апасиев водат хајка против, како што велат, изградбата на стратешкиот проект со коридорите 8 и 10д.
-Во време кога земјава успешно го спроведува скрининг процесот да се бара оставка од вицепремиерот за европски прашања е уште една потврда дека Мицкоски е против ЕУ. Оваа изјава на Мицкоски доаѓа само еден ден по јасните пораки од САД за силната поддршка на нашиот европски пат. Ако некој треба да се соочи со одговорност тоа е Мицкоски поради тоа што во заложништво на Левица е најголемиот кочничар на европската иднина на земјата. Мицкоски треба да понесе одговорност за постојаните блокади на европскиот пат – соопштија од СДСМ.
Изградбата на четирите автопатски делници на коридорите според првичните најави ќе чини 1,3 милијарди евра, без средствата за експропријација кои се проценуваат на околу 300 милиони евра.
Во меѓувреме, Владата вчера донесе одлука за потпишување анекс со Европската унија со што ќе се овозможи Коридорот 8 да стане дел од мрежата главни коридори во регионот и во ЕУ и го овласти министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, да го потпише документот, што е предвидено да се случи следната недела во Црна Гора.
За утре е најавено поставување камен темелник за автопатската делница Прилеп – Битола на Коридорот 10д, а претходно на свеченост беа официјализирани и активности за трите делници на Коридорот 8.