Во спомен-куќата на Блаже Конески во Небрегово

Со ликовно-поетска колонија, во рамките на проектот „Хепенинг“, во спомен-куќата на Блаже Конески во Небрегово, прилепските ученици го одбележаа 5 Мај, Денот на македонскиот јазик. Учествуваа ученици од ОУ „Блаже Конески“ и од подмладокот на Клубот на литературни творци – Прилеп.
Тие твореа слики со мотиви од творештвото на Конески и рецитираа поезија инспирирана од творештвото на великанот.
Оваа активност беше дел од проектот,,Хепенинг“, кој четврта година по ред го реализира Прилепскиот завод и музеј, со поддршка на Министерството за култура, а е мултикултурен проект за соработка со ученици.
Годинава тој се реализира во чест на Блаже Конески и сите активности се одвиваат во спомен-куќата на Блаже Конески.
– Ликовно-поетската колонија е трет настан од проектот. Првата активност беше со децата од градинката „Бончејца“, кои реализираа пригоден рецитал и музичка кореографија, втората активност беше реализирана со детскиот центар „Тик-так“, со кој беше подготвен музичко-сценски перформанс.
Наредна активност е читање поезија од Конески на седум јазици, македонски, албански, турски, влашки, германски, бошњачки и ромски. Тоа значи дека Конески обединува – додава координаторката Лилјана Неделкоска.

Ка.М.


МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК

Од дедо и прадедо, аманет свет чувам,
мајчиниот јазик да го бранам и негувам.
Како дом, како огниште, како родина,
македонскиот јазик е наша татковина.

Житородно поле со злато покриено,
скапоцено богатство во ковчег скриено.
Ѓердан нижен од букви и зборови сјајни,
света книга со неоткриени тајни.

Столетен даб со длабоки корени,
троскотна трева што не ќе се искорени.
Сончевина в гради огреана,
милозвучна песна од грла разлеана.

Нива посеана со благородно семе,
запис и сведоштво за дамнешно време.
Изртени мисли, никулци проникнати,
нескриени радости во срце избликнати.

Најубави ноти и тонови што галат,
волшебни бои во очи што се палат.
Чудесна магија во уметничка слика,
мојот мајчин јазик, македонски се вика.

Љубов во градите за јазикот чуваме,
да го браниме, негуваме и сочуваме.
И нека одекне порака, светот да слуша:
Македонскиот јазик е нашата душа!

И додека овој силен жар во нас постои,
низ сите бури, мојот јазик ќе опстои.
Со полни гради љубов вдишуваме,
македонски говориме, кирилица пишуваме.

Како дом, како огниште, како родина,
јазикот ни е единствена татковина!

Десанка Николова