Во градинката „Калинка“ во скопската населба Железара, во рамките на проектот „Растеме со музика, учиме низ игра“, во големата група „Светулки“ на учителките Снежана Кочова и Елена Поповска, минатата недела беше гостинка познатата македонска пејачка Андријана Јаневска.
Со оглед на тоа што низ целата година дечињата низ ритамот на музиката изучуваа за инструментите, изучуваа македонски песни и стилови на музики, Јаневска веднаш ја прифати поканата да ги подучи за она што таа најдобро знае да го работи – музиката.
Таа им беше гостинка во занималната, каде што на дечињата им го претстави инструментот на кој и таа самата свири – виолината, им објасни на кој принцип работи, а заедно со нив ја отсвири додека тие ја пееја македонската песна „Славеј пиле“.
Дечињата беа импресионирани од нејзиното гостување, беа презадоволни од тоа што благодарение на Јаневска го научија, па ѝ подарија и подарок нацртан од нивните вредни рачиња.
Потоа, забавата продолжи со пеење детски песнички, на кои Андријана заедно со дечињата играше и пееше. Д.Т.З