Тајната е нешто што ние си го знаеме, така да кажам. Факт е дека тоа е еден сплет на посветеност, тимска работа, сакање на компанијата, лојалност. И, од друга страна, континуирано инвестирање во едукацијата на вработените кои растат со компанијата, каде што тоа оди двонасочно. Од една страна, менаџментот се труди да води грижа колку може за своите вработени, а, од друга страна, вработените посветено даваат придонес една компанија да се развива како што треба, вели генералниот директор на „Алкалоид“ Живко Мукаетов во интервју за Ал џезеира балканс.
Близу две децении Живко Мукаетов е на чело на скопски „Алкалоид“. Бројни беа предизвицитe за време на близу 90-годишното постоење на компанијата, вели Мукаетов, но едно е константа – инвестициите. „Алкалоид“ денес има повеќе од 2.000 вработени, од кои 600 надвор од границите на Македонија. Со инвестиции поголеми од 104 милиони евра во последните пет години, Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан ја прогласи оваа компанија за водечки инвеститор во регионот. Мукаетов е претседател на Ракометната федерација на Македонија и голем покровител на спортот.
Интересни податоци беа објавени за „Алкалоид“ за минатата година. Рекорден извоз од над 157 милиони евра. Но она што посебно се истакна во тие статистики и бројки се удвојувањето на продажбата, на пример, во Полска, зголемувањето на продажбата во Романија, ако не се лажам за речиси 80 %, па дури и растот на продажбата во САД.
-Прво јас би сакал да истакнам дека ние сме посебно горди што од 2005 година, па наваму секоја година компанијата расте во однос на годината претходно. Компанијата има пораснато некаде за 4 и пол пати во последните 17 години. Се должи, како што кажав, пред сѐ, на градењето едно портфолио на производи, развој на производи кои имаат додадена вредност, производи кои можат да се диференцираат од конкуренцијата врз база на својот квалитет, својата препознатливост и својата компетитивност онаму каде што ги продаваме. Но за да се постигне сето тоа, пак сѐ се сведува на квалитетот на она што го работат луѓето, на квалитетот на нашите кадри, кои без комплекси можат да се носат со која било конкурентска компанија каде било во светот – вели Мукаетов во интервјуто.
Погледнете го целото интервју со Мукаетов.