Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах изјави дека МОК прави максимални напори спортистите со руски и со белоруски пасош да се вратат на интернационалната сцена.
– Правиме максимални напори да ја исполниме мисијата, да го спроведеме предлогот на Олимпиското движење за враќање на спортистите со руски и белоруски пасоши на меѓународни натпревари. Во близок контакт сме и разменуваме мислења со меѓународните федерации кои во моментов се задолжени за натпреварувањето. Многу се надеваме дека оваа мисија може да се изврши под условите што се дефинирани спортистите од овие две земји да се натпреваруваат неутрално и навистина да го обединиме целиот свет со Олимписките игри во Париз – изјави Бах.
Тој ги повика сите влади во светот, кои најавуваат бојкот во случај на учество на Русите и Белорусите, да не мешаат политика со спорт.
– Верувам дека владите имаат право да го кажат својот став. Но, тие исто така треба да разберат дека секој бојкот само ќе ги казни нивните спортисти и ќе го лиши нивниот народ од можноста да се гордее со настапите на спортистите на Олимписките игри – нагласи Бах.
Првиот човек на ИОК постојано се залага да се овозможи на секој спортист кои изборил право, учество на натпревари на меѓународна сцена.