Идејата ми беше да се претстават објектите во поинакво светло за да се истакнат нивната монументалност и скулптуралност, впечатливиот начин на нивното обликување и да се поттикне поимагинативен начин на нивно доживување – како скулптури во просторот, а не само како обични згради, вели Тијана Стојковска
Тијана Стојковска, уметница и архитектка
Тијана Стојковска, архитектка и уметница, ги изложи своите дела во галеријата „Пионери“, под насловот „Поинакви архитектонски доживувања“. Изложбата ја сочинуваат дела што се последица од откривање на врската меѓу имагинативниот свет во нас и реалната перцепција за светот околу нас. Македонската архитектура од 20 век е сеприсутната тема во сите дела, а реимагинацијата на нејзиниот контекст e главен начин за создавање нови нереални архитектонски светови.
Целта на изложбата е да создаде нова перспектива за необичноста на архитектурата од нашата „обична“ стварност и да поттикне нови начини на нејзино доживување.
Како се роди идејата за делата од изложбата „Поинакви архитектонски доживувања“?
– Идејата постоеше веќе неколку години, само се чекаше вистинскиот момент за да се реализира. Поттикната е од желбата за создавање нешто ново и поразлично, со користење на дигиталниот медиум како медиум на 21 век и македонската архитектура како главен извор на инспирација.
Со кои зборови вие ги опишувате вашите дела?
– Носталгични, романтизирани, надреални.
Инспирирани сте од македонската архитектура од 20 век. Кои архитектонски зданија најсилно ве инспирираа?
– Сите градби од бруталистичката архитектура – студентскиот дом „Гоце Делчев“ од арх. Георги Константиновски, Телекомуникациониот центар, Средното медицинско училиште, средното училиште „Никола Карев“ од арх. Јанко Константинов, Хидрометеоролошки завод од арх. Крсто Тодоровски, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје од арх. Марко Мушиќ и многу други.
Каква перцепција сакавте да понудите за архитектурата преку вашите дела?
– Дека објектите околу нас се многу повеќе од застарени и напуштени споменици од некое друго време, кои по некоја случајна среќа сѐ уште успеале да опстојат во денешницава. Тие се огледало на општеството – а какво е тоа општество што своето наследство го остава да пропаѓа, изложено на негрижа и невнимание од луѓето и институциите и целосно препуштено на забот на времето? Претставувањето на објектите во поинакво светло има цел да ги истакне нивната монументалност и скулптуралност, впечатливиот начин на нивното обликување и да поттикне еден поимагинативен начин на нивно доживување – како скулптури во просторот, а не само како обични згради. Неизбежно е да се спомне и дека тие имаат и многу повеќе квалитети и вредности од нивната експресивна надворешност – просторната конфигурација, функционалноста, начинот на природно осветлување…
Колку архитектот во тебе е дел од изложбата?
– Архитектот во мене е сеприсутен во секое дело од изложбата. Љубовта кон македонската бруталистичка и модерна архитектура кај мене се роди за време на студиите, а преку соочувањето со суровата реалност на архитектонската струка во нашата земја само повеќе се зголемија вреднувањето и почитта кон неа.
Во делата е прикажан и надреален агол, зошто ви беше важно да вметнете малку и имагинација?
– Всушност надреалниот аспект е клучен во создавањето на делата. Тој е главна алатка за создавање поинаква перцепција за градбите со користење необични и неочекувани елементи инспирирани од структуралноста на градбите. Архитектурата често се поврзува со многу значења и симболики во однос на периодот во кој е создадена, идеологијата на тој период, културните, социолошките вредности и сл. Од таа причина, за да се ослободат градбите од сите конотации со кои се врзуваат ги отстранував од првичниот контекст и ги вметнував во нов имагинарен контекст.
Што е слобода за вас и како ја пресликувате во вашите дела?
– За мене слобода е можност секој човек да биде тоа што е, да живее така како што замислува и да се изразува без ограничувања. Моите дела се единствениот простор каде е сублимирана целата моја креативна и имагинативна слобода без никакви ограничувања.