Денеска со пригодна свеченост на Правниот факултет Кичево, беше промовирана 15-та генерација дипломирани правници и магистри. На оваа свеченост беа промовирани 64 дипломирани правници и 34 магистри. На свеченоста присуствуваа Проректорите на Битолскиот универзитет и професорите на Правниот факултет Кичево со дисперзирани студии во Битола и Струга.
Најпрво завршените студенти и магистри ги поздрави и им посака успешна иднина проректорот Горан Илиќ, а потоа и деканката на Правниот факултет во Кичево, Светлана Вељаноска .
– Денеска е голем ден пред се за вас дипломираните правници и магистри и вашите семејства како и за Правниот факултет во Кичево. Денеска академската заедница и нашето општество стануваат побогати за 34 магистри по правни науки и 64 дипломирани правници. На пазарот на трудот и идните работодавачи им овозможивме едукација на квалитетни правници кои се подготвени успешно да ги практикуваат правните професии. Изминатите четири години бевте со нас наставниците и соработниците најголем дел од вашето време. За жал не најчесто со физичко присуство бидејќи добар дел од времето студиравте во период на вонредни услови, поради состојбите со ковид-19 кои не затекнаа не само нас, туку и целиот свет – истакна меѓу другото Вељаноска.
Инаку Правниот факутет во Кичево со дисперзирани студии во Битола и Струга започна со работа во 2008 година и годинава се навршуваат 15 години од неговото постоење. Досега на овој факултет дипломирале 1120 студенти, со титулата магистер се стекнале 350 дипломци, а во меѓувреме факултетот доби и двајца доктори на науки.
З.А