Никој во ваква деформирана држава веќе не се срами од пресудите за „вербалниот“ деликт, за повикувањата на полициски распит за слободно изразена мисла и став. Во натпреварот на политички и какви не се суети настрада слободата на говор во Македонија. Ваков обем на казнување за слободен говор немаше ни во социјализмот. Власта нѐ врати во темното време кога вербалниот деликт ги праќаше луѓето на Голи Оток
По повеќе од 30 години од распадот на Југославија, неславниот вербален деликт повторно се враќа во земјата на апсурдите – Македонија. Всушност, тој е вратен на голема врата и некој веќе ја плаќа цената за слободниот говор. Извиците за вербална инквизиција од времето на комунистичкиот тоталитаризам, веројатно, будат пријатни чувства кај многумина интолерантни на демократија и слободен говор. Вербалниот деликт како симбол од долгите децении на црвената диктатура повторно го заговараат оние за кои оваа држава е само протеза на Македонија пред деведесеттите во целофанска варијанта. Истите методи како оние предвидени во членот 133 од Кривичниот законик на СФРЈ решија да ги користат рециклираните комунисти за да ги сатанизираат и обесхрабрат сите оние што размислуваат и говорат спротивно на власта. Премногу сензитивни на слободниот говор неодамна станаа и некои институции како МОК и обвинителството, кои ја евтанизираат слободата на говор во име на повредените суети и непријатната вистината. Повикуваат на институционален линч за изразено мислење и став на секој оној што зборува и размислува различно од нив. Каде исчезна онаа демократска флоскула дека без целосно и неограничено право на слободен говор нема други права – бидејќи без целосно и неограничено право на слободен говор не може да има слободна мисла – а без слободна мисла ние веќе не сме демократија. Очигледно во оваа и ваква држава слободата на говор никогаш не била и нема да биде темелот на кој почива нашата демократија. Сега, ова што се нарекува слободен говор е маскенбал на власта и нејзиното поимање на демократијата. Тоа е сликата на нејзиниот дуализам денес: со оган и меч да ги брани симболите на едниот историски тоталитаризам, а на другиот да му прогледува низ прсти.
Незамисливо за нашиве „чувари на вистината“: во 1977 година Америка го бранеше правото на организирана нацистичка група да протестира во претежно еврејското предградие Скоки, каде што живееја преживеаните од холокаустот. Иронично, во напорите на Скоки да ги спречат нацистичките демонстрации беа пресликани напорите на јужните сегрегационистички заедници да ги забранат маршевите за граѓански права, предводени од Мартин Лутер Кинг во текот на 1960-тите. Дејвид Голдбергер, самоидентификуван еврејски адвокат, ги застапуваше нацистите затоа што ја разбираше штетата предизвикана од ограничувањето на говорот и верувањата. Сметал дека: „Ако Владата може да спречи законски говор затоа што е навредлив и омразен, тогаш може да го спречи секој говор што не ѝ се допаѓа. Со други зборови, моќта да се цензурираат нацистите ја вклучува моќта да се цензурираат демонстрантите од сите видови и да се спречи печатот да објавува срамни факти и критики, кои владините претставници ги означуваат како „лажни вести“. На иста линија беше и судот, бранејќи го правото на слободен говор и правото на мирен протест. Вака се бранеше слободниот говор во векот кога луѓето сѐ уште веруваа во правата и се бореа за нив. Денес, цензурата цвета во ерата на информации. Некои веруваа дека раѓањето на интернетот ја навестуваше смртта на цензурата. Во 1993 година, Џон Гилмор, пионер на интернетот, ќе изјави за „Тајмс“: „мрежата ја толкува цензурата како штета и ја заобиколува.“ За наскоро да се случи спротивното. Ветувањето на интернетот за отворен пристап до независни и разновидни извори на информации далеку е од реалност дури и за човештвото што живее во зрели демократии. А не, пак, во нашава.
Никој во ваква деформирана држава веќе не се срами од пресудите за „вербалниот“ деликт, за повикувањата на полициски распит за слободно изразена мисла и став. Во натпреварот на политички и какви не се суети настрада слободата на говор во Македонија. Ваков обем на казнување за слободен говор немаше ни во социјализмот. Власта нѐ врати во темното време кога вербалниот деликт ги праќаше луѓето на Голи Оток. Ние што сме малку повозрасни, се разбира, се сеќаваме на активностите околу членот 133, кои се случија во Југославија на крајот од нејзиното постоење. Шекс, Шешељ, Парага, Чичак, Олујиќ, Милиќ, Демаќи, Марјановиќ, сè до апсењето на Јанез Јанша и процесот на ЈБТЗ. Во тоа време вриеше, а денес? Денес, обидите за повторно внесување на вербалниот деликт се следи сосема рамнодушно, без многу револт, а камоли протести. Медиумското и политичко едноумие им го одзеде последниот здив на критичко размислување на луѓето и направи голем празен простор во нивните умови за безобѕирен консумеризам и евтина забавна медиумска храна. Не сум многу изненаден од ваква власт на интелектуално непривилегирани и морално хендикепирани политичари што повторно го заживеа репресивниот дух на Кривичниот законик на СФРЈ и устоличија тивка цензура, враќајќи нѐ во старото „добро“ време на комунизмот кога се казнуваше за слободен говор. Не е до власта. До нас е. Ние и понатаму ќе си молчиме и трпиме. И ќе продолжиме да глумиме демократија без слободен говор. Изгледа ние најтечно зборуваме во тишина.
Проф. Звонимир Јанкулоски