Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – март 2023 година продажбите достигнуваат 3.104.714.658 денари, што е за 15 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 4.346.596.075 денари, што е за 20 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 3 отсто, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 28 отсто. Од вкупните консолидирани продажби, 28 отсто се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 72 отсто се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 29 отсто, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 22 отсто, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР, …) се остварени 20 отсто, а на другите пазари е остварен 1 отсто од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари во споредба со првиот квартал од 2022 година бележат продажбите остварени во Ерменија, каде што продажбите се зголемени за трипати, потоа во Романија (раст од 51 отсто), Грузија (раст од 40 отсто), Грција (раст од 22 отсто), Хрватска (раст од 13 отсто), Црна Гора (раст од 12 отсто), Бугарија (раст од 11 отсто), Косово (раст од 9 отсто), Велика Британија (раст од 9 отсто), Словенија (раст од 7 отсто), Унгарија (раст од 6 отсто) итн.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 90 отсто. Од нив поголем удел имаат антибиотиците, со удел од 33 отсто, препаратите ОТЦ со 18 отсто, кардиолошките препарати со 11 отсто, невролошките препарати заземаат 11 отсто од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 10 отсто во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 отсто, козметика со 6 отсто, а билкарство учествува со 2 отсто. Вкупните продажби бележат пораст кај профитните центри фармација и козметика во споредба со остварените во истиот период од 2022 година. Сегментот фармација бележи раст од 22 отсто, а козметика раст од 19 отсто.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – март 2023 година изнесуваат 346.520.151 денар. Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 598.921.588 денари, бележи зголемување од околу 12 отсто, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 355.523.149 денари и е зголемена за 19 отсто.
Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 758.445.142 денари и бележи раст од 19 отсто, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 441.583.321 денар е зголемена за 22 отсто.
При извршувањето на оперативните активности, „Алкалоид“ АД Скопје ангажираше над 1.000 домашни доставувачи.
Вработени
Во периодот јануари-март 2023 година во „Алкалоид“ АД Скопје се реализирани 47 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, во март 2023 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од нето-износ од 36.500 денари. Групацијата „Алкалоид“ има 2.678 вработени, од кои 2.039 се во земјата, а 639 се вработени во подружниците во странство.
Податоци за акциите
Акциите на „Алкалоид“ АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидни акции на берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – март 2023 година се движеше од 17.200,00 денари до 18.100,00 денари, или просечно 17.787,37 денари за една акција. На 31.3.2023 година акциите на „Алкалоид“ АД Скопје беа во сопственост на 5.365 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше над 25,64 милијарди денари.
Бизнис-план за 2023 година
Бизнис-планот за 2023 година, донесен со одлука на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, на седницата одржана на 29.12.2022 година, предвидува инвестирање на околу 11 отсто од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 10 отсто на консолидираните продажби во однос на 2022 година, како и раст од 7 отсто на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2022 година.
Бизнис-планот за 2023 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи, достапни за компанијата во моментот на подготвување на планот. Околностите и настаните во 2023 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат во однос на прикажаните во бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од енергетската и економската криза. Презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози успешното работење на друштвото.
Во согласност со очекувањата, она што доминираше во 2022 година, а продолжува и во првиот квартал од 2023 година, е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали, енергентите, како и порастот на цените на транспортот на глобално ниво, а особено и значителните пролонгирања на роковите за испорака. Сето ова влијае и на стапката на инфлацијата, што веројатно како тренд ќе биде уште понагласен во периодот што следува.
Како најголем предизвик и прв приоритет за периодот што доаѓа и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност и остварување на планските цели.