Кога Манфреди стана ректор на Универзитетот во Неапол беше нарачана студија за мерење на влијанието на навивачите што славеа голови постигнати од фудбалскиот клуб Наполи на стадионот. „Зградата на Одделот за инженерство е во близината на стадионот и таму има сеизмограф што секогаш кога Наполи ќе постигне гол ќе забележи доволно тресење што за малку ќе се регистрира како земјотрес“, изјави Манфреди, сега градоначалник на Неапол. Каков интензитет може да забележи тој сеизмограф кога Наполи ќе ја освои својата прва титула по повеќе од три децении? Со предност од 17 бода и преостанати седум меча, првата шанса за тоа е викендов. „Дефинитивно ќе има многу вибрации. Земјотрес. Голем земјотрес на радост“, рече Манфреди

ФУДБАЛ

Пред Гаетано Манфреди да биде избран за градоначалник на Неапол во 2021 година, тој беше универзитетски професор специјализиран за сеизмичко инженерство, подготвувајќи и дизајнирајќи згради за да издржат земјотреси. Кога Манфреди стана ректор на универзитетот во Неапол „Федерико Втори“ беше нарачана студија за мерење на влијанието на навивачите што славеа голови постигнати од фудбалскиот клуб Наполи на стадионот „Диего Армандо Марадона“, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Зградата на Одделот за инженерство е во близината на стадионот и таму има сеизмограф што секогаш кога Наполи ќе постигне гол ќе забележи доволно тресење што за малку ќе се регистрира како земјотрес – изјави Манфреди за АП во неодамнешното интервју.
Значи, каков интензитет може да забележи универзитетскиот сеизмограф кога Наполи ќе ја освои својата прва титула во италијанската лига по повеќе од три децении? Со предност од 17 бода и преостанати седум натпревари, првата шанса за тоа доаѓа викендов.
– Не можеме да предвидиме колкав ќе биде бројот, но дефинитивно ќе има многу вибрации. Земјотрес. Голем земјотрес на радост – рече Манфреди.
Градоначалникот не претерува.
Клубот не ја освоил Серија А откако Диего Марадона го предводеше тимот до неговите единствени две италијански титули, во 1987 и во 1990 година.

СТРАСТ ЗА ФУДБАЛОТ

– Страста за фудбалот во Неапол е една од најголемите страсти во светот – рече Манфреди.
Толку е големо што наполитанците ги отфрлија своите суеверија за славење, па дури и спомнување на зборот „скудето“ или титула, пред да се случи тоа и го украсија градот со транспаренти, знамиња, украсни ленти и картонски реплики на играчите на Наполи во природна големина, сите во сино на Наполи.
Титулата, исто така, може да биде општествено кревање за Неапол.
– Ако го направиме ова, ќе останеме на ѕидовите на Неапол засекогаш – рече тренерот на Наполи, Лучијано Спалети, избегнувајќи го зборот „скудето“.
Секој кварт во градот, од стрмните и тесни улички до помодерната област, каде што се наоѓа стадионот, има свој стил на славење. Еден транспарент што се протега над улицата во населбата Форчела во историскиот центар, кој е познат по својот мурал на Сан Џенаро, светецот заштитник на градот, гласи „Извинете за доцнењето“, повикување на наслов на филм од 1983 година во режија на локалниот актер Масимо Троизи, кој исто така глуми во филмот, како и на 33 години од последната титула на Наполи.
– Ние сме единствени. Нема друго место во светот како Неапол. Неапол е отворен театар – рече локалниот таксист Џовани Мури, повикувајќи се на поемата на неаполскиот драматург Едуардо де Филипо.
Една изрека што често се слуша деновиве во градот вели: „Прославите во Неапол не се слични никаде на друго место“.
Како што објасни градоначалникот: „Тоа е затоа што наполитанците се весели. Веселоста на Неапол е позната низ целиот свет“.
Винченцо Масиело, кој раководи со пицеријата „O Везувио“, додава: „Луѓето доаѓаат од целиот свет за да бидат сведоци на нашата радост, за нешто на што уште не можеме да веруваме. Изгледа како сон и навистина се остварува“.

ПОВЕЌЕКРАТНИ ПРОСЛАВИ

Неапол толку долго чекаше на ова што градот се подготвува за повеќекратни прослави. Ќе има спонтана ерупција кога тимот ќе ја освои титулата, што може да трае со денови, недели, па дури и месеци.
– Очигледно не знаеме кога ќе се случи тоа или што навистина ќе се случи – рече градоначалникот.
Потоа ќе се одржи организирана прослава во центарот на „Пјаца плебисцито“ на 4 јуни, откако на клубот ќе му биде доделен трофејот во Серија А по последниот натпревар од сезоната.
– Ќе биде како да ја прославувате новогодишната ноќ двапати, всушност (поголема) од Нова година – рече Масиело.
Со цел да се избегне метеж во центарот на градот и сцена како хаосот кога репрезентацијата на Аргентина се врати дома со трофејот на Светското првенство, градот ќе организира симултани прослави на 4 јуни во различни населби.
Дури и две и пол години по неговата смрт, наследството на Марадона останува силна атракција во Неапол. Во Квартери Спањоли огромен мурал на Марадона изгледа како неофицијален музеј на поранешниот аргентински великан. Градоначалникот рече дека во деновите на големите натпревари на Наполи или во празничните периоди, до 30.000 луѓе дневно ја посетуваат „Пјаца Марадона“, што ја прави една од најпосетуваните атракции во Италија.
– Дури и по неговата смрт, тој уште носи луѓе во Неапол. Тој е светец – рече Антонио Тортора, друг локален таксист.
Екипата на Наполи и градот работат заедно за да обезбедат врска во живо од свеченостите на 4 јуни со прослава на големата неаполска заедница во Њујорк, при што ќе бидат вклучени и други области од широко распространетата дијаспора. Поранешниот градоначалник на Њујорк, Бил де Блазио, планира да присуствува на прославата на 4 јуни во Италија, соопшти кабинетот на градоначалникот на Неапол.
– Со различни мерки има десетици милиони наполитанци дистрибуирани во различни заедници низ светот, од САД до Латинска Америка и низ Европа, кои ќе учествуваат на оваа прослава – рече Манфреди.
За разлика од повеќето други големи фудбалски тимови во Италија, Наполи нема проблеми со финансискиот ферплеј, а вкупната плата на играчите на сегашниот тим е на петтото место во Серија А со 71,3 милион евра, помалку од половина од она што го плаќа Јувентус за неговите играчи, пишува АП.
– Наполи е еден од најдобро управуваните клубови во земјата. Нема ништо импровизирачко во оваа титула. Изграден е во долг период и тоа покажува друга страна на Неапол. Надвор од фолклористичката страна, постои град составен од добро водени бизниси. Тоа особено треба да биде гордост за Неапол – рече Манфреди.
Градот е сопственик на дотраениот стадион „Диего Армандо Марадона“ и се надева дека ќе го реновира со средства обезбедени за Европското првенство во 2032 година, ако победи кандидатурата на Италија да биде домаќин на настанот. Последното големо реновирање на стадионот беше за Светското првенство во 1990 година. Потоа имаше некои мали надградби за Универзијадата во 2019 година, но горниот дел на стадионот беше затворен речиси две децении поради структурни проблеми.
– Стадионот не може да се урне, бидејќи има архитектонска вредност. Така, идејата е да се направи големо реновирање – рече Манфреди, додавајќи дека градот работи со Наполи и за изградба на музеј за тимот што ќе ги слави Марадона и другите истакнати личности од историјата на клубот.
Манфреди не го крие фактот дека пораснал поддржувајќи го ривалот Јувентус.
– Сега јас сум градоначалник на Неапол така што навивам само за тимот (Наполи) – рече тој со насмевка. Н.М.