Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од овој последен квалификациски циклус, со Луксембург и со Турција, очекувам две победи. Влегуваме како фаворити и во двата натпревара и се надевам дека ќе ја оправдаме таа улога, а со тоа и ќе се пласираме на ЕП во Германија в година. Против Турција ќе го одиграм последниот натпревар за Македонија по речиси 15 години поминати носејќи го националниот дрес. Чувствата сега се помешани. Од една страна сум тажен што повеќе нема да бидам дел од репрезентацијата, но од друга страна, пак, сметам дека нема поголем успех за еден спортист што успеал да ја претставува својата држава. Македонија има многу млади играчи, кои допрва ќе го покажуваат и докажуваат својот квалитет и затоа сметам дека е вистинско време да им го отстапам моето место токму ним, вели репрезентативецот Гоце Георгиевски

РАКОМЕТ – ДЕСНОТО КРИЛО НАЈАВИ ПОВЛЕКУВАЊЕ ОД РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА ПО МЕЧОТ В НЕДЕЛА ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2024

Македонската машка ракометна репрезентација денеска во Скопје ги почнува завршните мини-подготовки за престојните два квалификациски дуела за пласман на Европското првенство (ЕП) во Германија во 2024 година, со Луксембург на гости, в среда (20.15 ч.), и со Турција во Скопје, в недела, во СЦ „Борис Трајковски“ (18 ч.).
– Од овој последен квалификациски циклус против Луксембург и Турција очекувам две победи. Влегуваме како фаворити и во двата натпревара и се надевам дека ќе ја оправдаме таа улога, а со тоа и ќе се пласираме на Европското првенство во Германија в година – вели десното репрезентативно крило Гоце Георгиевски.
Македонија моментално е втора во групата 1 со четири бода, колку што има и Турција, така што со две победи ќе го потврди пласманот на втората позиција, а со тоа и место во третиот барабан пред ждрепката на групите за ЕП 2024, на кое ќе се пласираат двете најдобри селекции од осумте групи, како и четирите најдобри меѓу третопласираните селекции.
На дуелот во Скопје, Георгиевски ќе се збогува од националниот дрес.
– Против Турција ќе го одиграм последниот натпревар за Македонија по речиси 15 години поминати носејќи го националниот дрес. Можам само да потврдам дека ми беше чест и гордост што го носев дресот на Македонија во овие изминати години. Чувствата сега се помешани.

Од една страна сум тажен што повеќе нема да бидам дел од репрезентацијата, но од друга страна, пак, сметам дека нема поголем успех за еден спортист што успеал да ја претставува својата држава. Македонија има многу млади играчи, кои допрва ќе го покажуваат и докажуваат својот квалитет и затоа сметам дека е вистинско време да им го отстапам моето место токму ним – вели Георгиевски.
Македонската репрезентација е во фаза на смена на генерации. Многумина искусни ракометари се збогуваа од националниот дрес, а многу други ќе го облечат.
– За репрезентацијата ме врзуваат многу убави спомени и натпревари, но кога би требало да се определам за некој што ми оставил посебен впечаток, би го издвоил натпреварот против Исланд на гостински терен, во рамките на квалификациите за ЕП 2020. Тој ми е еден од подобрите дуели во репрезентацијата и меч на кој сум постигнал најмногу голови, вкупно девет. Секако, има и други, но, ете, тој би го издвоил како еден од поквалитетните – рече Георгиевски.
Македонија досега играше на седум европски првенства, а најдобриот пласман ѝ е петтото место во Србија во 2012 година. Турција и Луксембург досега не настапиле на ЕП. Португалија, пак, која веќе обезбеди пласман на континенталното првенство во 2024 година, осми пат ќе настапи, а најдобриот успех ѝ е шестото место во 2020 година. Португалија во 2028 година ќе биде кодомаќин на ЕП, заедно со Шпанија и со Швајцарија.
По третиот циклус натпревари, осум селекции со по осум бода веќе се пласираа на ракометното Европско првенство (ЕП) во Германија в година. Тоа се Португалија (група еден), Австрија (четири), Унгарија (шест), Словенија (седум) и Франција (осум).
Г.И.


ГРУПА 1

Турција – Португалија среда, 17 ч.
Луксембург – Македонија среда, 20.15 ч.

ТАБЕЛА
Португалија 4 4 0 0 8
Македонија 4 2 0 2 4
Турција 4 2 0 2 4
Луксембург 4 0 0 4 0