Македонија никогаш нема да го заборави македонското малцинство во соседството!

Македонија како матична држава треба да го подигне квалитетот и да ги поддржи и активностите, работењето и живеењето на Македонците во своето соседство, а и во регионот и дијаспората. Во оваа пригода, имено во рамките на настанот од чествувањето на Сандански, на пример поддршката на нашето малцинство во Бугарија се идентификува со заедничките историски стремежи за самостојна држава на посебна балканска нација за која нашите предци се избориле во ликот на денешна Македонија. Во таа матична држава на Македонците и сите други кои живеат во неа има можност непречено да ги развиваат своите потенцијали на економски, политички, социјален, спортски и на секој друг план. Се разбира, почитувајќи ги и уважувајќи ги сите други балкански народи за нивната егзистенција и развој во нивните матични, национални држави. А сето тоа е врз база на една идеја за општочовечки просперитет, демократија и одржлив развој на индивидуата и колективитетите

Постојат илјадници македонски херои од илинденскиот период што го положија својот живот за слободата на македонскиот народ, а еден од нив е и Јане Сандански. Од денешна перспектива, особено се интересни ликот и делото на Сандански како симбол на Македонците од Бугарија, симбол за извојување малцински и човекови права. Македонските организации не случајно го избраа Сандански, тој потекнува од пиринскиот крај, а од друга страна е олицетворение на македонскиот патриотизам.
На 23 април секоја година Македонците од Бугарија официјално ја одбележуваат неговата смрт со свечени манифестации. Ова одбележување не треба да се разбере како провокација, туку треба да се разбере во духот на една од најпознатите мисли на Јане: „Ние не ги мразиме Бугарија и нејзиниот народ, туку се спротивставуваме на нејзината политика, која е спротивна на нашите идеали и интереси“.
Но кои се идеалите и интересите за кои говори Јане? Одговорот на ова прашање може да го дознаеме од една друга негова мисла: „Да живееш значи да се бориш: робот за слобода, а слободниот – за совршенство“. Токму ова е идеалот на Македонците и македонските организации од Бугарија. Затоа нивната активност не треба да се разбере како изразување екстремен национализам и никако иредентизам, туку како стремеж за слобода. Дека нивните барања се легални и имаат основа беше потврдено и од Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој пресуди дека Софија ги прекршува основните човекови и малцински права.

На крајот останува прашањето што стори Македонија, како матична држава на македонскиот народ, за оние Македонци што живеат во Бугарија. Доколку внимателно анализираме, можеме да заклучиме дека активностите на македонските државни институции се сведуваа само на ветувања. Меѓутоа се насетуваат и одредени промени, а во прилог на тоа е средбата на Стојко Стојов, копретседателот на ОМО Илинден-Пирин, со македонскиот министер за правда Кренар Лога, како и заменик-министерката за правда Викторија Аврамовска. На споменатата средба, министерот Лога вети дека ќе го постави проблемот со неимплементација на пресудите од Судот за човекови права во корист на Македонците во Бугарија пред соодветните европски институции. Од своја страна, проф. д-р Стојко Стојков го запозна министерот со проблемите на македонското малцинство во Бугарија, со дискриминацијата на која тоа е подложено и ја повтори позицијата на македонските организации во Бугарија за реципроцитет во правата на бугарското и македонското малцинство.
Колку и да звучи чудно, за првпат македонски министер за правда покани претставник на македонското малцинство во Бугарија. Затоа од ОМО Илинден-Пирин нагласија дека повеќе македонски министри ќе го следат неговиот пример.

Македонија како матична држава треба да го подигне квалитетот и да ги поддржи и активностите, работењето и живеењето на Македонците во своето соседство, а и во регионот и дијаспората. Во оваа пригода, имено во рамките на настанот од чествувањето на Сандански, на пример поддршката на нашето малцинство во Бугарија се идентификува со заедничките историски стремежи за самостојна држава на посебна балканска нација за која нашите предци се избориле во ликот на денешна Македонија. Во таа матична држава на Македонците и сите други што живеат во неа има можност непречено да ги развиваат своите потенцијали на економски, политички, социјален, спортски и на секој друг план. Се разбира, почитувајќи ги и уважувајќи ги сите други балкански народи за нивната егзистенција и развој во нивните матични, национални држави. А сето тоа е врз база на една идеја за општочовечки просперитет, демократија и одржлив развој на индивидуата и колективитетите.

Бугарија како држава што е членка на Европската Унија, доколку сака да напредува, ќе мора да ја напушти досегашната политика на негирање на македонските национални особености – јазик, историја, култура итн. Од друга страна, Македонија како држава што се стреми еден ден да стане дел од големото европско семејство, не треба да ги заборави Македонците во Бугарија и треба да ги подржи нивните активности за подобрување и унапредување на малцинските права, слично како што се унапредуваат правата на сите малцинства во македонското општество.
На крајот да завршиме со зборовите на Христо Константинов, кој кристално јасно ги образложува Јаневите, но и општо македонските принципи: „Беше убав, сончев, пролетен ден, кога чашата на животот така штедро ги прелива и полни срцата на сѐ што е живо. Стои на прозорецот тој, гледа и се провикнува: Колку е убав животот, колку среќни треба да бидат луѓето! Големи гадови се тие, кои ги прават несреќни. Дали му мина мислата, дека во групата на тие, гадови се и оние, кои го нарекуваат крволок и садист? – Со прашања не сакав да го нарушам одушевеното негово филозофско расположение. Врвел парталав Турчин, прегрбен со товар дрва на грбот. Јане го погледнал Турчинот, се замислил и прошепнал: Несреќник. А малку потоа додаде: Да живееш значи да се бориш: робот за слобода, а слободниот – за совршенство.“