Фото: Игор Бансколиев

Јавна промоција на еден сосема друг приод во толкувањето на (дез)информациите објавени во јавноста

Дезинформации и лажни вести имало отсекогаш, но со појавата на интернет-мрежата тие добија легална платформа за побрзо и поефикасно ширење. Во исто време, тоа значи и своевиден „менаџмент со информации и дезинформации“ и нивно користење како алатка за борба со неистомислениците.

Нов тренд на информирањето: Секоја информација што е во спротивност со мејнстрим -политиките може да се квалификува како дезинформација и ширење лажни вести?!

Неодамна земјава ја посети специјалниот пратеник и координатор на Центарот за глобален ангажман (ГЕЦ) на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин, кој ги коментираше процесите во земјава за уставните измени. Тој рече дека е легитимно некој да изнесува свое мислење и да не се согласува со одлуките за уставни измени, но доколку се шират дезинформации и пропаганда, тогаш ќе биде многу тешко да се води нормална политичка дебата за прашања како што е промената на Уставот.
Поаѓајќи по оваа логика, наши соговорници, комуниколози и универзитетски професори велат дека од ова „произлегува дека во нашиот случај секое мислење што е спротивно на актуелниот наратив на Брисел околу уставните измени ќе биде оценето како ширење дезинформации, лажни вести, а во полза на пропагандата и влијанијата од трети земји“?!
Имено, поедноставно кажано, соговорниците ваквата изјава ја квалификуваат, во најмала рака, како проблематична, бидејќи во тој случај „секоја информација што е во спротивност со мејнстрим-политиките лесно може да се квалификува како дезинформација и ширење лажни вести само затоа што се коси со нечии поставени политики и интереси на одредено подрачје“!
Ваква категоризација, дефиниција и нова дистинкција на Центарот за глобален ангажман за тоа „што претставува една информација, а што дезинформација“, според аналитичарите, е „длабоко задирање во демократијата на една земја, а е длабоко спротивна и на самите новинарски принципи“, кои подразбираат „за секоја проблематика еднакво да бидат застапени сите гледишта и позиции, без да му се ускратува некому правото јавно да го изнесе сопствениот став“. Едноставно, по оваа логика на исказот на Џејмс Рубин, „секој може да каже што сака, но ако тоа е спротивно на генералната меѓународна заложба дека Македонија мора да го промени Уставот, тогаш нема зошто тоа да не се смета за дезинформација или лажна вест, бидејќи ги попречува ’демократските’ процеси на државата“?!

Дали само она што ќе го кажат мејнстрим-центрите е вистина, а сè друго е пропаганда, дезинформација или лажна вест?

Сличен наратив во последниот период употребуваат и некои политичари во земјава, кои сите што искажуваат одредени резерви и стравувања поради последиците од евентуалните уставни измени ги нарекуваат „хистерични“ и „антиевропски“ елементи.
Од тоа произлегува дека само она што ќе го кажат мејнстрим-центрите е вистина и единствена исправна политика, додека сè друго е пропаганда, дезинформација и лажна вест?!
Дополнително прашање е дали на тој начин не се задира во демократијата на една држава, дали не се нарушува нејзиниот суверенитет и, воопшто, дали со таквата информациско-дезинформациска борба не се слабее внатрешното демократско ткиво на земјата.
Тука се наметнува и уште една клучна дилема – дали нешто што нам ни одговара како држава, што е од наш интерес, а притоа не го загрозува територијалниот интегритет на државата, но е во спротивност со интересите и политиките на одредени моќни центри, автоматски ќе значи дезинформации, ширење лажни вести, непријателска пропаганда?
Тогаш дали како „дезинформации“ и „лажни вести“ треба да се оценат и изјавите на поранешната британска премиерка Тереза Меј, на поранешната германска канцеларка Ангела Меркел, на францускиот претседател Макрон, како и на голем број други европски високи претставници што тврдеа дека „името е единствен услов Македонија да ги почне преговорите со ЕУ“. Гледано од денешна перспектива, произлегува дека сите тие ширеа лажни вести и дезинформации пред македонските граѓани за нивната европска перспектива.

– Стопирањето да се слушне другата страна, односно спротивставеното мислење секогаш да се оценува како лажна вест или дезинформација ќе предизвика глобална лавина, а и кај нас ќе има силен контраефект. Ако сите тие западни експерти се реално против ширење дезинформации и лаги, тогаш зошто не ја казнат Бугарија за ширење лаги за Македонија, за историјата, за македонскиот јазик, култура и нашето непостоење, кога токму тие на Западот несомнено ги знаат фактите и вистината, да ги разобличат бугарските лаги и дезинформации. Па, Западот за тоа има и историографски документи во своите богати архиви. Или, пак, поблиску им е едно „модерно пиар- правило“, кое вели: доколку се знаат фактите, лесно може натаму да се менаџира вистината, односно да се моделираат фактите во своја полза, во функција на своите долгорочни политики – прашува Синиша Пекевски, аналитичар и познавач на состојбите во информациската сфера.

С.Т.