САД и западните сојузници имаат одредена способност да влијаат на состојбата во Судан, каде што минатата недела почнаа оружени борби по неколкугодишните тензии помеѓу генералот Абдел Фатал ал-Бурхан, кој е на чело на националната армија и де факто лидер на државата, и генералот Мохамед Хамдан Дагало кој ги предводи паравоените Сили за брзи одговори (РСФ), пишува „Форин полиси“ во написот насловен „Американските политики во Судан го отворија патот кон војна“.
– Можеби единствените сили што имаат ограничена способност да влијаат на состојбата во Судан се САД и западните сојузници. За да ги спречи ризиците за распад на државата, американската влада работи заедно со арапските држави, првенствено со Египет, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, но овие американски сојузници се на спротивставени страни во Судан. Западните дипломати, ми кажаа оти сметаат дека враќањето на статусот кво што важеше до 15 април е малку веројатно. Отсуството на американско влијание уследи четири години по големите надежи на Вашингтон за Судан – наведува американскиот аналитичар Џастин Линч, кој е и автор на книгата „Незавршената демократија на Судан“.
Повеќемесечните протести на почетокот на 2019 доведоа до воен удар против поранешниот диктатор Омар ал-Башир. Тогаш се чинеше дека тридецениската американска поддршка за демократијата може да резултира со успех. Но, САД и другите западни сојузници ги притиснаа демонстрантите и војската да формираат преодна влада. Потоа дојде и до преоден устав, што значеше закажување на избори во 2022 година. Можеби најголемата заблуда на САД беше инстистирањето на Вашингтон да ја нарече суданската транзиција „цивилна“, бидејќи во ниту еден поглед не беше таква. Во преодниот устав од 2019 година стоеше дека војската ќе ја води државата во првите 21 месец од транзицијата, а потоа цивилите во следните 18 месеци, се вели во анализата на американскиот магазин.
– Дипломатите ми кажаа дека се соочуваат со ограничени можности за запирање на насилството во Судан. САД и другите држави се залагаат за хуманитарен прекин на огнот што би им овозможил на цивилите да дојдат до засолниште и храна, но тоа досега не беше испочитувано. Откако сегашната криза ќе заврши, треба да дојде до признавање дека американската и западната политика, не само што не успеаја да донесат демократија, туку и придонесоа за падот на Судан – тврди Линч.
Уличните судири почнаа минатиот викенд во главниот град Картум и се проширија низ целата земја, при што има известувања за тешко загрозување на човековите права. Суданските воздушни сили во меѓувреме почнаа кампања за бомбардирање на Картум. Се истакнува дека токму воздушните сили биле пресуден елемент во претходните војни во африканската држава, особено во 2003 година, кога тие заедно со милицијата Џанџавид, наследена од РСФ, се бореа во Дарфур.