„Со европско знаење за подобрена родова еднаквост во локалната заедница“
Мониторинг-извештаите добиени со проектот „Со европско знаење за подобрена родова еднаквост во локалната заедница“ покажале дека сите анкетирани општини имаат назначено координатори за еднакви можности, но тоа се лица што се вработени во општините на други работни места, што, пак, ги оневозможува нивната посветеност и работа на полето на родовата еднаквост. Ова се првичните согледувања во рамките на проектот „Со европско знаење за подобрена родова еднаквост во локалната заедница“, имплементиран од Руралната коалиција, поддржан од Реактор – Истражување во акција и нивните партнери преку акцијата „Унапредување на родовата еднаквост во процесот на пристапување во ЕУ“. Акцијата е финансирана од Европската Унија и кофинансирана од Шведска.
Според презентираните податоци деновите, во најголемиот број општини, со исклучок на Гостивар и Врапчиште, комисиите немале состаноци ниту пак презеле некои поконкретни активности во локалната заедница на теми поврзани со родовата еднаквост. Општина Прилеп немала програма за 2022 година, ниту пак буџет конкретно наменет за активности поврзани со родовата еднаквост, а лани поддржале само една манифестација за одбележувањето на Денот на руралната жена. Општина Кичево немала програма, а не издвоила ни денар од буџетот за активности поврзани со родовата еднаквост во 2022 година, а за првпат средства во износ од 300.000 денари предвидува годинава.
– Издвојувањето буџет за реализација на активности за реализација на активности од Програмата за родова еднаквост е клучен елемент што треба да го практикуваат општините, но и посебната систематизација на работно место – координатор за еднакви можности, бидејќи тоа е единствениот начин како може директно да се зголеми влијанието и состојбата со унапредување на еднаквите можности на мажите и жените во локалната заедница – вели Лилјана Јоноски, извршна директорка на Руралната коалиција.
Особено важна е непосредната и директна комуникација на општините со граѓаните и граѓанските организации, пред сѐ заради размена на искуства и знаења. Од друга страна, честата промена на членовите на комисиите за еднакви можности не овозможува континуирано унапредување на состојбата со родовата еднаквост на терен.
Оттука препораките по мониторингот за унапредување на овие процеси се задолжително изготвување, но и реализација на програма за родова еднаквост во секоја општина, задолжителен годишен буџет што линеарно ќе се зголемува секоја година, воведување систем на внатрешен мониторинг со родово разделени податоци и статистики на квартално ниво, поврзување на активностите и мерките со родово сензитивни индикатори, унапредување на соработката со граѓанските организации на ниво на партнери во процесите, обезбедување еднаква вклученост на мажите и жените во процесите на донесување одлуки, приспособување на локалните политики кон ЕУ-директивите и акциски планови, а едукацијата треба да биде клучен и задолжителен дел што редовно ќе го практикуваат сите локални чинители. Ка.М.