Фото: Архива

На 10 мај ќе почне да работи македонската берза на електрична енергија, со која ќе раководи Националниот оператор на пазарот за електрична енергија, МЕМО. Со тргувањето на берзата, компаниите и крајните потрошувачи во Македонија, според нашите соговорници, би добиле транспарентни и јавно објавени цени за купопродажба на струја за секој час во текот на едно деноноќие. На берзата, струјата ќе се тргува по принципот ден однапред. Тоа значи купување и продавање енергија од денеска за утре, а подоцна и по принципот во текот на денот, односно купување и продавање истиот ден кога се врши тргувањето

Што би донело профункционирањето на македонската берза за струја

На македонската берза на електрична енергија ќе може да тргуваат сите оние што сакаат да учествуваат во трговија на големо со електричната енергија, односно сите оние производители на електрична енергија што сакаат да ја продадат својата енергија, транспарентно, на недискриминаторен начин и сите оние снабдувачи и трговци на електрична енергија што сакаат да купат енергија на истиот начин од берзата на електрична енергија. Цената на електричната енергија ќе зависи од пазарот на тргување, односно од понудата и побарувачката.

Неколку белези поврзани со претстојната берза на електрична енергија

Прв белег од формирањето домашна берза е тоа што досега во Македонија пазарната цена на електричната енергија не беше јавна категорија, а отсега би требало да биде. Имено, досега, цените на пазарот се утврдуваа со билатерални договори меѓу приватни снабдувачи и потрошувачи или на тендери за државни инстанци на кои понудувачите доставуваа понуди. Берзата ќе овозможи транспарентна цена за мегават-час електрична енергија за секој час во текот на едно деноноќие.
Вториот белег е тоа што државниот оператор на пазар МЕМО гарантира дека купувачот ќе го добие платеното количество електрична енергија, а продавачот или производителот ќе ги добие парите за кои ја продал електричната енергија.
– Не можам да кажам како ќе профункционира македонската берза за електрична енергија, од причина што не е познато кој ќе може да се јави на страната на понудата и побарувачката. Дали повторно ќе се преслика и сегашната состојба, кога цената ќе ја определуваат големите увозни компании, кои и сега го покриваат пазарот во износ од 50 до 60 отсто од побарувачката за струја? Реално погледнато, ние немаме повеќе компании на страната на понудата, единствено тоа е ЕСМ. Понудата од обновливи извори е несигурна и зависи од временските услови, но тоа бара дополнување од други извори на струја, а тоа најчесто е од увоз. Ние сме премногу мали како пазар за да можеме да профункционира берзата за електрична енергија. Остануваме да зависиме од струјата од надворешните пазари и повторно би се свеле на тоа таа прво да се „истргува“ по цена што се нуди на унгарската берза, а потоа, со пресметување на вообичаените трошоци за пренос и маржа, да се достави до македонските корисници. Но добро е да се тргне и со воведувањето на македонската берза за електрична енергија, па низ времето ќе можеме и да се учиме и да се коригираме и во трговијата со струја – ни изјави Константин Димитров, експерт во енергетиката.

Што би значел маркет -каплинг (спојување на берзите) со Бугарија?!

Функционирањето на берзата на струја ќе донесе референтни цени за секој час за нашата држава, велат од МЕМО. Досега референтната цена се пресметуваше според унгарската берза, ХУПЕКС, која е земена како една од најголемите берзи во регионот каде што има најголемо тргување на електрична енергија.
– Праксата во Македонија кажува дека во поширокиот регион унгарската берза, односно популарната ХУПЕКС, во последниве години откако почна енергетската криза е една од најголемите берзи во регионот каде што има најголемо тргување на електрична енергија, односно најголемо количество понуда и побарувачка. Таа цена што се формира во Унгарија неколкупати имам споменато дека не е референтна цена за Македонија. Затоа што цената на берзата се формира на начин што таа зависи од понудата и побарувачката на електрична енергија во секој час од едно деноноќие – изјави Симон Шутиноски, директорот на МЕМО.
Македонската берза во прво време ќе биде во границите на Македонија сѐ додека не настапи првиот „маркет-каплинг“, односно првото спојување со некоја од соседните берзи. На неа ќе можат да тргуваат сите оние учесници на пазарот на големо на електрична енергија што се регистрирани во регистарот на регистрирани учесници на пазарот, кој го води МЕМО ДОЕЛ Скопје како оператор на пазарот. Поврзувањето со другите пазари ќе се случува во наредниот период, а за тоа се работи на реализација на два проекта. Првиот проект се однесува на пазарно поврзување помеѓу една земја-членка на Европска Унија и една земја-аспирант за членство во Унијата. Тоа е маркет-каплинг помеѓу Македонија и Бугарија. Исто така, под закрила на енергетската заедница се планира интегрирање на регионот на Западен Балкан, односно маркет-каплинг на пазарите на електрична енергија помеѓу Македонија, Грција, Албанија и Косово. Во моментов од нашите соседи речиси сите земји имаат сопствени берзи. М.Ј.