Фото: ЕПА

Анализирајќи ја последната посета на францускиот претседател на Кина, многумина експерти одговорот го наоѓаат во фактот дека Макрон има низа конкретни идеи како со помош на Кина да ја продлабочи својата иницијатива за стратегиска автономија и неутралност на ЕУ. Од друга страна, кинескиот претседател Си Џинпинг смета дека Франција може да одигра клучна улога да се отфрли западната радикална идеја „за целосно одвојување на европската економија од кинеската “, што како политички потег би им нанело непроценлива штета на двете големи економии. Токму затоа се интензивираат дипломатските напори во правец на стабилизирање на односите меѓу Франција и Кина, во интерес и на ЕУ и на Кина

Одеци од посетата на францускиот претседател Макрон на Кина

На средбата со Макрон одржана во јужната метропола Гуангжу, според повеќе медиумски извори, на претседателот на Кина му било „многу драго што двајцата колеги споделувале многу идентични или слични ставови за кинеско-француските, кинеско-европските, меѓународните и регионалните прашања“.
Имено, Кина гледа благонаклонето кон прашањето за „стратегиската автономија на ЕУ“, која е во фокусот на француската надворешна политика, меѓу другото, според одреден западни аналитичари, и како „пат за осамостојување на ЕУ, односно за одредена дистанца на независност на Европа од САД“.
На средбата, францускиот претседател Макрон му порачал на кинескиот претседател дека Франција ја промовира „европската стратегиска автономија“, не сака „блоковска конфронтација“ и дека „државата не избира страни“.
Кинескиот лидер Си Џинпинг имаше и една клучна порака до својот француски колега Емануел Макрон, односно „да не се дозволи Европа да биде вовлечена во некои неевропски игри, кои не влегуваат во агендата на европскиот и воопшто светскиот развој“. На пример, Пекинг би сакал посамостојно одлучување на ЕУ, при што, да се избегне Унијата целосно да падне под влијание на САД.
Впрочем, 36 кинески и француски бизниси потпишаа нови договори во рамките на посетата, што, според кинеските државни медиуми, е знак за „ненамалување на довербата на кинескиот пазар за европските бизниси“.

Со војната во Украина се засили сојузот меѓу САД и ЕУ

Актуелните геостратегиски раздвижувања, во светлината на посетата на францускиот претседател Макрон на Кина, беа анализирани и од бриселскиот портал „Политико“. Во анализата се констатира дека „повеќе од едногодишната војна на Русија против Украина го зајакна сојузот меѓу Европа и САД, ја разниша глобалната трговија, го засили НАТО и ги принуди владите да бидат повнимателни околу тоа што друго може одеднаш да тргне наопаку во светските работи“. Во анализата се смета дека „тоа не е поволно за Пекинг, кој сè уште го гледа Вашингтон како свој стратегиски непријател“.
Интересно, во анализата на бриселскиот портал „Политико“ се констатира дека од неодамна Кина ја засили својата дипломатија. Тоа го поткрепува со фактот дека Пекинг, на највисоко можно дипломатско ниво организира пречек на францускиот претседател Макрон, заедно со шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен. Ова Пекинг го направи, како што се вели во анализата, „во остар контраст со сегашните напори на Кина да ги држи високите американски функционери на дистанца, особено откако американскиот државен секретар Антони Блинкен го откажа патувањето во Пекинг за време на шпионската драма со балонот претходно оваа година“.
Во продолжение, во анализата се вели дека „и американските и кинеските официјални лица знаат дека политиката на Европа кон Пекинг е далеку од решена. Тоа е и шанса и ризик за двете страни. Во последниве месеци, американските власти предупредија на подготвеноста на Кина да испрати оружје во Русија и зборуваа за опасностите од дозволувањето на кинеските технолошки компании неограничен пристап до европските пазари, со одреден успех“. Сепак, во анализата се потенцира дека „дури и воинствената Фон дер Лејен“, како што ја нарекува „Политико“, која е поранешна германска министерка за одбрана, „ја отфрли идејата за целосно одвојување на Европа од кинеската економија“! Од перспектива на Пекинг, според анализата, „ова е уште една значајна разлика од непријателското комерцијално опкружување што го промовираат САД“.

Како (ќе) се движат односите меѓу Истокот и Западот

Во последните неколку години европските лидери, под влијание на своите западни сојузници, станаа поскептични за насоката по која Кина се движи, изразувајќи вознемиреност од начинот на кој Пекинг се справува со пандемијата на коронавирусот, третманот на демонстрантите во Хонгконг, како и санкциите на Кина кон европските политичари и воените закани против Тајван.
Додека Западот воведе строги санкции кон Москва, тој често во јавноста го истакнува фактот дека „Кина стана последната голема економија што сè уште е заинтересирана за одржување и проширување на трговските врски со Русија“.
Токму тоа генерираше жестоки полемики во западните кругови, предизвикувајќи жестока дебата во Европа за тоа „како да се казни Пекинг и колку далеку да се повлече Европа од кинеската трговија“.
Со посетата на францускиот претседател на Кина, според некои аналитичари, „Пекинг го гледа Макрон како природен партнер што ќе помогне да се избегне застој во односите меѓу ЕУ и Кина, особено откако Ангела Меркел повеќе не е на кормилото на Германија“! Подготвеноста на Макрон да се ангажира со кого било, вклучувајќи ги и неговите многу критикувани контакти со Путин пред неговата војна за Украина, го направи особено привлечен бидејќи јазот меѓу Кина и европските и американските стратегии (за Кина), со војната во Украина сѐ повеќе и повеќе се продлабочуваше.