Со предложените измени на осумте закони за побрза изградба на коридорите 8 и 10д не само што се забрзуваат постапките, како што стои во многу кратките образложенија, туку се менува и нивната природа, а со тоа и начинот на заштита на правата и вредностите, но и секое носење на специјални закони само по себе е ризик од корупција, порача раководителот на Центарот за добро управување при Институтот за демократија „Социетас цивилис“ (ИДСЦС), Миша Поповиќ пред почетокот на дискусијата на тема „Зголемени ризици од брзите измени на законите за изградба на коридорите 8 и 10 д“ што денеска се одржа во организација на Институот.
Препорача да се следи целосната постапка, односно сите измени да се повлечат и да одат низ реална процедура, а истовремено Владата да обезбеди анализи зошто се потребни исклучоците кои треба да се направат само во случаи во кои е оправдано. Посебно, додаде тој, треба да објаснат зошто е потребна работна недела со повеќе од 40 часа.
На настанот експерти дискутираа за потенцијалните опасности кои се воведуваат со предложените измени на осумте закони и какви импликации ќе имаат во областите кои ги опфаќаат.
Како што посочи Поповиќ, повеќе страни укажаа на евентуални ризици од корупција и побараа да се повлечат предложените измени, бидејќи е потребно да има поголема дебата, но и повеќе анализи кои ќе ги покажат сите придобивки и сите штети кои потенцијално можат да произлезат од промената на законите како што е Законот за работни односи, Законот за експропријација …
-Нема дебата и анализи за промените на осумте закони кои истовремено ги штитат човековите права, како и вредности кои се важни за животот на граѓаните како што се животната средина и културното наследство. Секое носење на специјални закони само по себе е ризик од корупција, бидејќи на посебен начин – со исклучок се уредуваат работи кои и онака се уредени со општи закони. Со специјалниот закон беше заобиколен Законот за јавни набавки, а сега со исклучоците во постојните осум закони постои ризик од корупција и укажува на можни проблеми понатаму – рече Поповиќ.
Укажа дека светската пракса покажува оти треба да се избегнуваат специјални закони, да се избегнуваат исклучоци и дека треба работите да се водат според општите законски норми, кои се во земјата во кои се предвидени различни заштитни механизми и од корупција, но и од други можни злоупотреби.
-За жал кај нас процесот продолжува и сметам дека тоа ќе има сериозни последици во иднина кога ќе се евалуира начинот на управување во земјава. Европската комисија (ЕК) веќе реагираше на самиот Закон за градење, односно правењето на таков исклучок од Законот за јавни набавки и сметам дека и овие исклучоци кои се тераат без потребната анализа на влијание на регулативата што е избегната зашто предлозите доаѓаат од страна на пратениците ќе си најдат свое место во следниот извештај на ЕК, но и во други извештаи кои го оценуваат начинот на управување и владеење во земјата. Кога се прават измени на закон, а особено измени кои ја менуваат суштината на главните одредби и прават исклучоци, треба да биде проследено со нужна потреба, која е анализирана и одлуката да се даде таков предлог да е донесена врз база на анализа на податоци, а не врз база на мислење и желба на приватниот инвеститор – рече Поповиќ.
Гоце Коцевски од Македонското здружение на млади правници посочи дека предложените измени на Законот за работи однос се проблематични од аспект на владеењето на правото, се косат со веќе донесената одлука на Уставниот суд, која е конечна и чие правно дејство е спрема сите и го разнишува целокупното владеење на правото во земјава. Тие, како што кажа, се во спротивност на Уставот, во спротивност на Одлуката на Уставниот суд и во спротивност со Европската социјална повелба со која јасно се определува траењето на работната недела.
За него проблематичен е предлагачот на измените на законот иако, како што рече, неспорно е дека пратениците имаат право да предлагаат носење на законски решенија. Смета дека предлагачите одат во спротивност со она што Уставниот суд претходно го одлучи.
-Секогаш кога се работи за закони и прописи од областа на работните односи на предлагањето на нивно носење треба да им претходи задолжителен трипартитен дијалог, односно да бидат спроведени исклучиво во транспарентна постапка во која ќе бидат вклучени државата, синдикатите и стопанските комори. Какви било какви измени кои не се соодветно издискутирани и не се соодветно анализирани неминовно ќе водат до несоодветно и неквалитетно законско решение – рече Коцевски и додаде дека тоа се однесува за сите осум закони кои се во собраниска процедура во моментов.
Втор проблем според него, е што се носат во скратена постапка, за која граѓанските организации и експертите долго укажуваат дека се злоупотребува.
-Скратената постапка оневозможува соодветно да се идентификуваат и дискутираат сите аспекти на носењето на законот во кој се предлага три клучни измени. Првата се однесува во однос на начинот и местото на исплаќање на плата за што се упатува дека подзаконски акт ќе донесе Министерството за финансии. Се поставува прашање која е потребата од несење на посебен подзаконски акт. Втората и клучна измена е отстранувањето на максималното траење на прекувремената работа која е одредена со законот и истакнувањето дека прекувремената работа може да трае повеќе од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часови во просек неделни во траење од три месеци и повеќе од 190 часа годишно. Третата измена се однесува за работа во недела – рече Коцевски.
Додаде дека треба да се знае на кои лица и под кои услови се предвидува да важат исклучоците, а во законските измени што се предложени, истакна, може само да се претпостави дека се работи за Бехтел и Енка, но од правна гледна точка се однесува за сите работи кои се од стратешки и национален интерес, а токму тоа не е дефинирано – кои се работите од стратешки и национален интерес за државата.
-Клучно е што со предлог амандманите се заобиколува одлуката на Уставниот суд со кој се укина одлуката дека работниците кои ќе работат на овој проект ќе може да работат во просек 60 работни часа неделно доколку дадат пишана согласност – потенцира Коцевски.
Тона Карева од Хелсиншкиот комитет за човекови права посочи дека измените на законите претставуваат поткопување на владеењето на правото и предизвикуваат правна несигурност. За неа измените се нецелосни, недобро утврдени и не се знае за што се се однесуваат, како и кои сегашни и идни проекти можат да се прогласат за проекти од стратешко и национално значење.
Тоа, како што рече, отвора простор за сомнеж, за самоволие заради целосното непочитување на начелата на уставност и законитост и слободите и правата на граѓанинот. Смета дека за вакви измени е клучно да се остави доволно време за анализа и да се вклучат сите засегнати страни и експерти за да се изанализира кои исклучоци се потребни во кое време и за кои закони и дали исклучоците кои се предвидени во измените на осумте закони се навистина неопходни во овој момент.
-Законските измени кои се предвидени се спротивни со Уставот и со Одлуката на Уставен суд. Секој е должен да го почитува Уставот и законите, вклучувајќи ги и пратениците кои се предлагачи на овие законски измени, со кои заради скратената постапка се заобиколува можноста за анализа на измените дали се издржани и потребни. Се менуваат многу значајни закони кои предвидуваат строги правила и начини на постапки – рече Карева.
Додаде дека не е јасно што всушност значи стратешко и национално значење, а во некои од измените, посочи, се спомнува само стратешко значење.
-Не јасно што во иднина и што се во моментов може да означува стратешко и национално значење. Не е јасно и дека станува збор само за проектот за изградба на коридорите 8 и 10д и на Бехтел и Енка. Законот за шумите и Законот за земјоделство доколку се анализираат се бара да се забрзаат постапките кои може да траат многу долго и дека самите предлагачи на измените утврдиле дека постапката е неефикасна и ненавремена – рече Карева.
Доколку го имаме во превид значењето на шумите и на земјоделското земјиште, потенцира, мора да се има посебен третман кон нив и нормално е што постапките за пренамена траат долго. При тоа, клучно е да се почитуваат одредбите во основните закони.
-Сопственоста е правно заштитена, а со измените се бара да се олесни процесот на експропријација и да се овозможи за проекти од стратешки интерес на државата да може да се експроприра земјиштето пред одлуката да стане конечна и правосилна. Тоа буди правна несигурност за сите лица на кои треба да им се експроприра земјиште кое може веднаш да биде одземено, а тие потоа да бараат правна заштита пред суд. Тоа е спротивно и на Уставот и на владеењето на правото – истакна Карева.
Орданче Петров од Македонското археолошко друштво (МАД) порача дека со измените на Законот за заштита на културно наследство на удар беа случајните археолошки откритија, а со измените на законите за градба и за урбанистичко планирање на удар се евидентираните и регистрираните културни добра со тоа што се прави заобиколување на надлежните установи и нарушување на воспоставениот принцип на заштита.
-Минатата недела измените на Законот за заштита на културното наследство беа повлечени од собраниска процедура, но со тоа не престануваат заложбите на МАД во однос на измените на останатите закони, пред се во однос на Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање кои исто така го тангираат културното наследство, односно неговата заштита. Моментално ги анализираме овие два закона за да видиме кои проблеми може да се јават при понатамошното имплементирање – рече Петров.
Додека не го добиеме договорот, додаде, не можеме да знаеме точно кои се замки ги има внатре.
-Сепак, со измените на Законот за градба и Законот за урбанистичко планирање, кои предвидуваат градење само со урбанистички проект и без добивање на одобрение за градба, можно е заобиколување на надлежните институции за заштита на културното наследство, кои ќе немаат увид во спроведувањето на заштитно-конзерваторските услуги при градењето на овој инфраструктурен проект – посочи Петров.
Александар Кржаловски од МЦМС праша како се стигнало до сумата од 12,5 милиони евра за изградба на еден километар на автопатите на коридорите 8 и 10 д кога во Бугарија еден километар автопат чини 2,5 милиони евра.
-Можам да разберам 12,5 милиони евра за километар да чини автопатот од Гостивар до Букојчани, но не и за Тетово-Гостивар и Прилеп-Битола кои ќе бидат рамни како тепсија – рече Кржаловски.
Во одговор Раководителот на Центарот за добро управување при ИДСЦС, Поповиќ му рече дека тоа се должи на целосниот неуспех на сите заштитни механизми при политички донесените одлуки.
-Така донесените одлуки се директен начин за да се озакони она што е направено како пречка во Законот за јавни набавки кој обезбедува колку толку транспарентност. Прашање е и зошто е избран баш тој понудувач и зошто нема барем уште една понуда за проектот за чија реализација се предвидуваат огромни суми што треба да бидат платени. Со политичката одлука од висок профил без образложение се тргнати и европските пари. Сепак, во моментов во антикорупциска смисла се е легално. Доколку се појави сомнеж за корупција, заради високите политички одлуки при носењето на проектот повеќе нема да бидат одговорни канцелариските чиновници во некое министерство, туку одговорни ќе бидат конкретни вицепремиери и министри – рече Поповиќ.