Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва беше пречекан со највисоки државни почести од неговиот домаќин Си Џинпинг - Фото: ЕПА

Кина и Бразил се договараат за продлабочување на билатералните односи на повеќе полиња


Подготвил: Mарјан Велевски

Бразил, динамизирајќи ги дипломатските врски со Кина, со државната посета во петокот на Пекинг, заокружи еден процес во кој двете земји (Бразил и Кина) се согласија да ги зголемат инвестициите и да соработуваат во технологијата и одржливиот развој. Кина е бразилскиот најголем трговски партнер, а со овие договори, соработката ќе се подигне на уште повисоко ниво.

Значајно е исто така дека при заемните разговори, обете земји повикаа на мировни преговори за Украина.
Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва и неколку негови министри ги потпишаа договорите со претседателот Си Џинпинг и други кинески претставници во Пекинг.

Си Џинпинг и Кина ги поставија дипломатските односи со Бразил како приоритет и двете земји треба да ја продлабочат практичната соработка во секторите како што се земјоделството, енергијата и инфраструктурата, објави кинеската државна телевизија.
– Имаме исклучителни односи со Кина, односи што стануваат поинтензивни и посилни секој ден – рече бразилскиот претседател Лула пред средбата со Си Џинпинг.
Двајцата лидери се согласија дека дијалогот и преговорите се „единствениот можен начин“ за решавање на војната во Украина, се вели во заедничката изјава. Тие ги повикаа другите земји да играат конструктивна улога во промовирањето на политичкиот дијалог меѓу Украина и Русија.

Во новиот фокус на билатералните односи, двете земји одлучија да ја зајакнат соработката во заштитата на животната средина и борбата против климатските промени и за оваа цел ќе формираат заедничка комисија.
Кина и Бразил се договорија да формираат работна група за работа со полуспроводници, што ќе ги зајакне врските на Бразил со Пекинг во областите на чувствителната технологија.