Акција за контрола на увозници на овошје и зеленчук спроведува од изутрина низ цела држава Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) во координација со Управата за финансисика полиција и Управата за јавни приходи. Се контролираат производите по одлуката на Владата за замрзнување на цените на овошјето и зеленчукот.
– Со акцијата се опфатени увозници на зеленчук и овошје во Скопје, влезено е и на Кванташки пазар, а се вршат надзори и кај увозниците на големо во Струмица, Дебар и други градови, потврди за МИА директорт на ДПИ Горан Трајковски.
Од ДПИ на терен се над 30 инспектори.
Трајковски најави дека акцијата ќе трае во текот на денов, но оти сумирани информации за исходот ќе бидат објавени в понеделник од кога, како што посочува, ќе продолжат да се вршат постојано контроли исто како и во изминатиот период.
Министерот за економија Крешник Бектеши, вчера најави дека на седница на Владата во вторник ќе бидат ревидирани дел од замрзнатите цени на овошјето и зеленукот порачувајќи дека ќе продолжат контролите за тоа како е направен увозот во нашата држава за сите увозници на овошје и зеленчук за последните месеци.
– Царинската управа, УЈП, ДПИ, Управата за финансиска полиција во континуитет ќе вршат контроли со цел да не се направи штета на Буџетот, а со тоа да се направи штета на потрошувачите во нашата држава – рече Бектеши и најави дека ќе следат санкции за сите увозници кои направиле увоз, а при тоа до Царинската служба поднеле лажни пониски фактури од реалните.
Затајување данок над 10 илјади евра, укажа министерот, е кривично дело и очекувам од Царинската управа до крај да постапи согласно нивните надлежности.
Одлуката за замрзнување на цените на 11 видови овошје и зеленчук е во сила од 5 април, а треба да трае до 30 април.
Според Бектеши, со одлуката за ревидирање на цените ниту еден од производите ќе нема повисока цена од 100 денари за килограм.
-Ќе има мала корекција само во делот на доматите и краставиците заради тоа што нема веќе увоз од Турција и од Грција каде што има поголемо производство на овие производи. Генерално до крајот на месецов увоз се врши од Албанија и еден мал дел од Србија, заради тоа што во Албанија еден месец однапред излегуваат овие производи – изјави Бектеши.
Во првите четири месеци од годината кај нас генерално се увезува зеленчук и овошје од Турција, Грција, Албанија и од Србија. Со Србија и Албанија кои се во ЦЕФТА немаме царини, а со Грција и Турција има, плус се плаќа и пет отсто ДДВ за увезеното овошје или зеленчук