Меѓународен тим научници започнаа со дупчење на Арктикот за да се зачуваат примероци од мраз стари до 300 години за анализа пред да се стопат замрзнатите слоеви поради климатските промени, објавија организаторите на мисијата.
Италијански, француски и норвешки истражувачи поставија камп на норвешкиот архипелаг Свалбард, во, како што велат, трката со времето да ги зачуваат клучните податоци за мразот и да ги анализираат условите на неговата поранешна средина. Научниците ќе вадат мраз со помош на долги цевки од длабочина од дури 125 метри. Таму се наоѓаат замрзнати геохемиски траги стари и до три века.
Анализата на хемикалиите во длабоките „ледени јадра“ ќе им обезбеди на научниците вредни информации за условите што некогаш преовладувале во околината. Но истовремено предупредуваат дека водата создадена од топењето на мразот ги менува геохемиските траги, кои досега биле зачувани во ваквиот вековен мраз.
– Забележано е дека вредниот оригинален материјал исчезнува засекогаш од површината на планетата. Нашата одговорност како глациолози е да обезбедиме дел од него да биде зачуван – изјави за АФП, Џером Шапел, претседател на здружението „Ајс мемори“, кое ја води операцијата.
Емисиите на јаглерод предизвикани од човекот од 19 век ја загреале планетата за 1,1 степен Целзиусов, а студиите покажуваат дека Арктикот се загрева од два до четири пати побрзо од глобалниот просек.
Едниот дел од мразот што го извлекуваат цевките веднаш ќе се користи за анализа, а другиот ќе биде испратен на Антарктикот и таму ќе се складира под снегот за да можат примероците да се зачуваат за идните генерации научници.
– Осум члена на мисијата поставија камп на височина од 1.100 метри надморска височина на леденото поле Холтедалфон, полно со процепи – рече Шапел.
Работата ќе ја вршат три недели на температури пониски од минус 25 степени. Во тој процес ќе сечат и ќе извлекуваат примероци од мраз, долги еден метар и широки 10 сантиметри.
Мисијата од 700.000 евра, која е делумно финансирана од италијанското Министерство за истражување, е продолжение на серијата слични претходни вадења на леденото јадро спроведено од здружението „Ајс мемори“, вклучувајќи ги и претходните операции на Алпите и на Андите.