Бојко Борисов, лидерот на ГЕРБ-СДС, денеска изјави дека на Бугарија ѝ е потребна влада по секоја цена.
Борисов, чија алијанса освои најмногу гласови на парламентарните избори во неделата, рече дека ќе разговара со сите партии доколку бугарскиот претседател Румен Радев му го довери мандатот за формирање нова влада.
– Бугарите на овие избори рекоа дека не можат без ГЕРБ, но и дека не можат без партијата Продолжуваме со промени (ПП) и Демократска Бугарија (ДБ). Нашите лични чувства не се важни – изјави Борисов.
Според него, неопходно е да се создаде влада „колку и да ги чини политичките партии“, пренесува „Ројтерс“.
Копретседателот на партијата Продолжуваме со промените (ПП), Асен Василев, кој беше втор на изборите, претходно ја отфрли можноста за коалиција со ГЕРБ.
Таквата одлука, веројатно, навестува продолжување на долгорочната политичка криза во Бугарија, наведува британската агенција.
Членката на Европската Унија во неделата ги одржа петтите парламентарни избори за две години.