ФУДБАЛ – ЧЕТИРИ ДЕЦЕНИИ ПО ТРИУМФОТ СО АБЕРДИН

Трофејниот тренер Алекс Фергусон (81) ќе додаде уште еден медал во својата огромна колекција, откако Европската фудбалска унија (УЕФА) додели дополнителни медали за триумфот во Купот на победниците на европските купови (КПК) за успехот на Абердин во 1983 година, пишува „Би-би-си“. КПК е натпреварување што пред 24 години се спои со некогашниот Куп на УЕФА, натпреварување сега со име Лига Европа. Во КПК играа само победниците на националните купови.
Само 11-те играчи на Абердин што го почнаа мечот од финалето и петте замени добија победнички медали по славната победа над Реал Мадрид, но Фергусон треба да добие еден од шесте дополнителни, во одбележувањето на 40-годишнината од таа вечер во Гетеборг, пишува „Би-би-си“. Ќе бидат наградени и помошник-менаџерот Арчи Нокс и играчот од средниот ред Даги Бел, кој го пропушти финалето поради повреда.
– Голема чест е да се добие овој медал и благодарен сум им на сите што работеа толку напорно за да се случи ова. Нивните напори, заедно со соработката со УЕФА, се многу ценети. Исто така е фантастично да се видат некои од прекрасните луѓе што неуморно работеа зад сцената за време на овој исклучително успешен период за клубот – рече Фергусон.
Фергусон освои 49 трофеи во својата славна кариера, освојувајќи 10 со Абердин откако го предводеше Сент Мирен до титулата во шкотската прва дивизија во 1977 година. Уште неверојатни 38 трофеи тој освои за време на неговите 26 години на чело на Манчестер јунајтед, до 2013 година. Н.М.