Гудачкиот состав, во кој, покрај Пламенка Трајковска, ќе настапат и Љубица Бошкова на виола и Александра Јаневска на виолончело, ќе реализира ексклузивен концерт со наслов „Нем филм во 4“. Концертот ќе го реализираат денеска, во 19.30 часот, во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица. На концертот премиерно ќе биде изведена првата композиција оригинално напишана за нем филм „Убиство на војводата од Гиз“ од Камиј Сен Санс од 1908 година. На концертот ќе бидат изведени и композиции од Жорж Бизе, Чарли Чаплин, Скот Џоплин и Пламенка Трајковска. На концертот ќе има проекција од култните неми филмови „Убиство на војводата од Гиз“, „Светлата на градот“, „Бурлеска на тема од Кармен“, „Жена од Париз“ и,,Големиот диктатор“.
Комплетната видеопроекција ја подготви Пламенка Трајковска.
– Интерпретацијата на музика наменета за нем филм е извонреден предизвик. Подразбира долг процес на истражување за ерата на немиот филм. Во тоа време на отсуство на технологија, музичарите интерпретирале музика за време на немиот филм во живо, по свое лично видување или доживувања на одредените сцени, по одредени текстуални насоки за музичката интерпретација или по некакви кратки насочувачки партитури – вели таа.

Пламенка Трајковска врз основа на долго истражување креираше нови аранжмани за гудачко трио и направи адаптација на првата оригинална испишана композиција за немиот филм „Убиство на војводата од Гиз“ од Камиј Сен Санс од 1908 година. Посебен осврт Трајковска прави на комплетното ново осмислување на музиката од немиот филм „Бурлеска на тема од Кармен“ од 1915 година, со креирање аранжман за гудачки состав и музичка технологија, а за кое таа во наредниот период таа ќе издаде комплетен материјал од музички партитури, тонски материјал и снимка, како свој придонес кон популаризацијата на музиката наменета за нем филм.
Досега Пламенка Трајковска реализира уште неколку проекти во чиј фокус е музиката од филмовите, како концертите „Музика и филм“, „Музика и цртан филм“, „Виолина и филм“ – овој концерт таа го реализира онлајн за време на пандемијата. Исто така има реализирано голем број концерти во Македонија и на најзначајните културни манифестации „Скопско лето“, „Битфест“, „Штипско културно лето“, „Петровденски ракувања“, „Топол културен бран“, „Караманови средби“, „Кавадаречка културна есен“ и многу други настапи на концертни сцени во Македонија и концерти во Хрватска, Србија, Бугарија, Грција, Франција, Танзанија и Турција.