Од Светскиот младински уметнички институт – Центар на УНЕСКО, со седиште во Троја – Франција, информираат дека на учениците при детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола, на годинашниот 30-ти јубилеен конкурс, на темата „Спомени од иднината – митови и легенди од мојата земја“, им се доделени 20 индивидуални благодарници – признанија за учество, со посебен акцент на индивидуалниот уметнички пристап.
УНЕСКО ја реализира оваа светска детска ликовна манифестација веќе 30 години, а на годинашниот конкурс пристигнаа дела од над 70 земји во светот, односно вкупно 4.000, од кои 840 ја поминаа првичната селекција.
Втората фаза опфати 300 дела, по што следуваше номинација на 200 ученици за 100 награди или најдобрите 100 во светот во детско сликарство. УНЕСКО ги најави номинациите на 8 март годинава, а ова се финалните резултати.
Од детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола има 12 ученици што се меѓу селектираните – номинираните и наградените 300-100 дела од 70 држави, и тоа: Фросина Полизовска (девет години), Меланија Кондовска (14), Валерија Костовска (16), која го освои и третото место – бронзен медал во категоријата млади уметници од 14 до 17 години, и Ангела Цветковска (18 години).
Награди добија и учениците Никола Тасевски (10) и Јана Талеска (10), како и учениците Анастасија Наумчевска (14), Сара Наумовска (14), Ана Полизовска (14), Леа Стерјев (14), Марија Јанкуловска (15), Сирма Спиркоска (15) и Андреа Ресановиќ (15 години).
Посебна покана за посета на церемонијата за доделување награди имаат ученичката Валерија Костовска и детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ од Битола на специјална церемонија за доделување на наградите, која ќе се одржи на 3 јуни годинава во Троја – Франција.
Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ – Битола беше единствениот претставник од нашата земја, за што посебно признание доби претседателката на студиото, Елена Хаџи-Антоновска.