Етика за млади

На 1 април е веселба за децата. Ќе има маскенбал за учениците. Сашко го сакаше тој празник. Кога беше малечок родителите го носеа да ги гледа маскираните деца. Лани беше болен, но оваа година реши да биде најдобро маскиран од сите.
Долго планираше. Или не му се допаѓаше замислата, или некој друг ја имаше истата идеја, или за тоа треба костим, а татко му не можеше сега да купува такви работи. Му текна дека дедо му му раскажуваше како тој се преправал и реши да го повтори тоа.
– Јас сум џаламар – викна Сашко во класот и рикаше страшно. Аууу, ауу, бегајте од мене, сите ќе ве изедам, ау, ау!
Децата се насмеаја. Го препознаа облечен во широки панталони од татко му врзани одоздола, во шарена блуза, со женски ремен, со голема најлон-капа за пливање, ишаран по лицето со црн и црвен фломастер и со два различни детски меча во рацете, од кои едниот беше напукнат и искривен.
– Џаламару! – викна Филип – како ти вика баба ти кога ќе згрешиш?
– Џацо џаламар! Џацо џаламар! – викаа децата, а Сашко се радуваше што постигна успех и што сите се смеат заедно со него.

ПРАЗНИЦИТЕ се убава работа, тие треба да се чуваат и одбележуваат. Со нив луѓето се потсетуваат на разни важни нешта и не треба да се забораваат. Секој треба на празникот да се потсети зошто постои таков ден и зошто луѓето решиле да слават. Така најдобро ќе разбере како треба да се живее животот.
На 1 април луѓето ја слават веселбата. Тој ден се прават шеги. Ако некој е весел, тој ден ќе биде уште повесел. Ако некој се лути за ситните шеги што му ги прават, тој ден треба да ги прими со насмевка и да се смее со сите други. Ако некој покрај него е тажен, треба да стори сѐ другарски да го расположи.
Кај нас на тој ден се одржуваат детски маскенбали. Децата се облекуваат во разни костими и денот го минуваат преправени во некој лик. И другарчињата околу себе ги гледаат во друг лик. Добро е сите заедно да се веселите. Ако немате оригинален костим на некој суперхерој, на пример на Бетмен или Супермен, или ако нема кој да ви го сошие, преправете се во нешто по ваша мера. Тоа ќе ви го овозможат старите работи што ги имате дома и малку фантазија. Ќе се потсетите и на смешните зборови и на други подзаборавени игри и ќе ви биде интересно и забавно.
Драги деца, смеата е најдобра за убаво расположение. Никогаш не е доста радост. Затоа е добро на 1 април и вие да се преправите во некој друг лик, да ги израдувате блиските, а и вие самите да се почувствувате убаво.

Автор: проф. д-р Кирил Темков