По шест месеци макотрпна работа и посветеност, детскиот балетски спектакл „Петар Пан“, на 31 март, во 17 и во 20 часот, и на 1 април, од 11 и од 13 часот, ја наполни салата на Националната опера и балет.
Петар Пан, капетанот Кука, Ѕвончица, Венди, Индијанци, пирати… оживеаја во оваа магична претставата потпишан од тимот составен од Ристо Самарџиев – сценарио и песни, Ирена Лозинска – кореографија и режија, Тамара Ѓурчиновска од балетското студио „Арт балет“, костимите се на Елена Вангеловска, сценографијата на Љупчо Јованов, а музиката на Владимир Дојчиновски-Дојчин. Продукцијата на „Петар Пан“ е на „М-саунд“.
На сцената главните ролји брилијантно ги одиграа и Веселин Трајковски и Николас Алехандре Хоурсеау, гостите од балетскиот ансамбл на НОБ, кои ни ги доловија ликовите на Петар Пан и на капетан Кука.

– Не постојат зборови со кои може да се опише она што ни се оствари на сите во овие два дена и во текот на четирите изведби на претставата „Петар Пан“. Многу емоции се собрани во нашите срца. Честитки до сите што патувавме во ова незаборавно и посебно летање во „Недојдија“ со Петар Пан. Децата беа врвни, сите, од прво до последно. Ова за сите е огромен успех, незаборавно искуство. Нивната посветеноста и професионалноста одамна се докажани, а љубовта кон она што го прават, како и секогаш е безрезервна. Секако за тоа голем придонес имаа и родителите, со нивната поддршка и верба. Благодарност упатуваме и до целата огромна екипа што работеше макотрпно за да се оствари, до сите вработени во Националната опера и балет, врвни професионалци направија многу за детската среќа и остварувања на желбите и мечтите. Салата блескаше четири пати, преполна од првото до последното седиште – изјави по премиерата Тамара Ѓурчиновска, раководителка на балетското студио „Арт балет“.
За успехот на претставата придонесоа и Милчо Александров, светло-мајстор во Националната опера и балет, а учениците од средното училиште „Димитар Влахов“ од Скопје, со нивниот ментор Кека Махмуди, се погрижија за стилот, фризурите и за шминката.

Според Тамара Ѓурчиновска, подвигот е уште поголем бидејќи 112 деца во две групи, учесници во претставата „Петар Пан“ на возраст од шест до 18 години, со само една сценска проба на големата сцена блеснаа како вистински професионалци на сцената на НОБ.
– Во текот на два дена нашите јунаци имаа четири „полетувања“ пред публика од над 2.400 луѓе. За мене, а верувам и за сите што беа дел од овој спектакл, ова беше голема чест и задоволство. Затоа во стилот на Петар Пан на сите деца им порачувам: „Сонувај го животот во бои, во тоа е тајната на ѕвездата среќна. Замисли си дека крилја имаш, рашири ги и вивни се како птица лесна“ – вели Тамара Ѓурчиновска.

М.Т.