ФУДБАЛ – ПО ПРВИТЕ ДВЕ КОЛА ОД КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2024

Вкупно девет репрезентации што одиграа по два меча, го заокружија со максимален ефект со по шест освоени бода првиот дел од квалификациите за пласман на фудбалското Европско првенство (ЕП) в година во Германија.
Со по две победи по првите два натпревара се селекциите на Шкотска, Франција, Англија, Австрија, Србија, Словенија, Швајцарија, Романија и на Португалија. Од нив, без примен гол се Португалија (гол-разлика 10-0), Швајцарија (8-0), Франција, Шкотска (двете по 5-0) и Србија (4-0).
Од репрезентациите што одиграа по еден меч и забележаа победа, покрај Македонија (гол-разлика 2-1), се и селекциите на Грција, Белгија и на Унгарија (сите по 3-0). Од секоја од десетте квалификациски групи, по двете најдобри репрезентации ќе се пласираат на ЕП 2024, како и трите победника на плејофот од Лигата на нации (лиги А, Б и Ц). Германија директно се пласира, како домаќин на шампионатот.
Од мечевите во вторникот, во рамките на второто коло, најголемото изненадување го направи Шкотска, со победата над Шпанија, дома, со 2-0, со двата гола на вториот стрелец во квалификациите за ЕП 2024, Скот Мектоминеј, кој досега постигна вкупно четири погодока (од петте на Шкотска), колку што има и Кристијано Роналдо од Португалија. Прв стрелец во новиот циклус за континенталното првенство засега е Расмус Хојлунд, кој ги постигна сите пет гола за Данска во првите две кола. Н.М.