Фото: Игор Бансколиев

Она што е клучно во целата работа околу бришењето на „20 отсто“ и неговата замена со Албанци и албански јазик е што во суштина тоа би значело поништување на Охридскиот рамковен договор, а со тоа ќе мора да следува нова промена на Уставот, од чија преамбула во тој случај треба да се исфрли договорот потпишан во Охрид со кој му се стави крај на оружениот конфликт во земјава во 2001 година. Познавачите на уставните состојби сметаат дека секоја промена на Охридскиот рамковен договор повлекува и подлабока промена на Уставот

Бришењето на „20 отсто“ ќе ги збрише и Уставот и амандманите од Охридскиот договор

Како што се засилува притисокот за внесување на Бугарите во македонскиот устав така на мала врата започнува да се протнува идејата во ист пакет да се направат и други уставни измени со кои ќе се избрише формулацијата „20 отсто“ и таа ќе се замени со албански јазик и албански народ.
Ваквите намери првично беа обелоденети веднаш по објавувањето на резултатите од пописот, кога стана повеќе од јасно зошто беше толкавото инсистирање на владејачката ДУИ за попишување и на дијаспората -статистички преседан досега незабележан во ниту една држава, но кој поради мир во владејачката коалиција, помина во Македонија и овозможи со „практикување весела математика“ процентот на албанското население во земјава неколкукратно да се зголеми. Ваквите намери првично беа обелоденети веднаш по објавувањето на резултатите од пописот, кога стана повеќе од јасно зошто беше толкавото инсистирање на владејачката ДУИ за попишување и на дијаспората -статистички преседан досега незабележан во ниту една држава, но кој поради мир во владејачката коалиција, помина во Македонија и овозможи со „практикување весела математика“ процентот на албанското население во земјава неколкукратно да се зголеми.
Сметката за фингираниот попис прва ја испорача партијата Беса, која ја промовираше идејата за бришење на „20 отсто“ непосредно пред гласањето за „францускиот предлог“, а сега моментот при евентуално ново отворање на Уставот се користи преку нов ултимативен настап (како што беше случајот и со Преспанската спогодба), да се издејствува бришење на терминот „20 отсто“ и негова замена со „албански јазик“.

Дезавуирање на Уставот однатре, од највисоките институции

Министерот за правда Кренар Лога неодамна изјави дека се размислува за замена на формулацијата „20 отсто“ со формулацијата „албански јазик“ во Уставот, кога веќе во Собранието ќе се отвора највисокиот правен акт за внесување на Бугарите во преамбулата.
Набрзо стигна реакција од премиерот Димитар Ковачевски и од шефот на дипломатијата Бујар Османи, како и од вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, кои сметат дека во овој момент не е добра идејата на министерот за правда во рамките на дебатата за уставните измени да се отвори и прашањето за 20 отсто како дефиниција за Албанците и албанскиот јазик.
Без оглед на владините реакции и отфрлањето каква било можност да се зголеми пакетот на уставни измени, сепак најавата на Лога не е нималку наивна, имајќи предвид дека Алијанса за Албанците, партијата од која е предложен актуелниот министер за правда, има осум пратеници, кои ќе бидат исклучително важни ако дојде до гласање за внесување на Бугарите во Уставот.
Но она што е клучно во целата работа околу бришењето на „20 отсто“ и неговата замена со Албанци и албански јазик е што во суштина тоа би значело поништување на Охридскиот рамковен договор, а со тоа ќе мора да следува нова промена на Уставот, од чија преамбула во тој случај треба да се исфрли договорот потпишан во Охрид со кој му се стави крај на оружениот конфликт во земјава во 2001 година.
Познавачите на уставните состојби сметаат дека секоја промена на Охридскиот рамковен договор повлекува и промена на Уставот.
– Секако дека ќе мора да се менува Уставот ако дојде до промена на овој термин „20 отсто“, бидејќи тоа е дел од Охридскиот рамковен договор, кој, пак, е дел од Уставот. Промена на Охридскиот рамковен договор значи и промена на Уставот оти станува збор за уставна категорија – коментираат познавачите на состојбите.

Лицитациите за промена на Уставот се чекор плус од досегашното негово непочитување, прекршување на владеењето на правото и уривање на карактерот на државата

Според соговорниците, исполнувањето на одредбите во Охридскиот рамковен договор е завршена работа, тој е целосно имплементиран, стана дел од Уставот и сега е апсурдно да се бара каква било интервенција.
– Ако има проблеми околу имплементацијата на уставните одредби што произлегуваат од тој договор, тогаш имаме проблем и со самиот Устав, односно ќе мора да се менуваат одредбите што веќе се дел од највисокиот правен акт. Охридскиот рамковен договор е целосно спроведен и тоа го констатираа сите, почнувајќи од меѓународната заедница под чиј патронат и беше потпишан, па до домашните фактори. Со други зборови, тоа е завршена работа – категорични се соговорниците, кои не исклучуваат можност барањето за бришење на „20 отсто“ да се отвори во последен момент ако евентуално дојде до мнозинство за уставни измени и внесување на Бугарите во Уставот.
Професорката Мирјана Најчевска предлогот на актуелниот министер за правда го толкува како уште еден обид за разгорување нетрпение и омраза врз етничка основа.
– Во време кога е загрозен идентитетот на Македонците од соседна Бугарија, кога се негира историјата на Македонците и кога се бараат отстапки што повеќе личат на капитулација во форма на ултиматум отколку на компромис, еден ваков предлог може да биде насочен само кон долевање масло на оган. А наместо албански јазик, да внесеме англиски јазик, па да си има еден национален јазик – македонски, еден интернационален јазик – англиски и сите други јазици да се регулираат во согласност со Повелбата за регионални и малцински јазици – е решителниот став на професорката Најчевска.