Џошуа Чептегеи е заштитно лице на атлетиката од Уганда откако го освои сребрениот медал на 10.000 метри на Светското првенство (СП) во Лондон во 2017 година

АТЛЕТИКА

Откако освои злато на светските првенства во 2019 и во 2021 година, Џошуа Чептегеи (26) стана и двоен шампион на Комонвелтот, светски рекордер и освојувач на златен медал на 5.000 метри на Летните олимписки игри во Токио во 2021 година, што го прави најуспешниот спортист од Уганда на сите времиња, пишува „Би-би-си“. Но откако неколку години уживаше во незаменлива слава дома, сега младиот сонародник Џејкоб Киплимо (22) се залага да го привлече светското внимание.
– Секогаш патував сам за натпревари, се борев сам да ја претставувам и да победам за мојата земја. Но кога влезе Џејкоб, мислам дека притисокот врз моите раменици беше намален, оти не е добро за една земја да гледа само на една личност – изјави Чептегеи за „Би-би-си спорт Африка“.
Чептегеи вели дека живее во страв дека Уганда ќе пропушти подиум на големо натпреварување доколку се повреди, нешто што се случи на минатогодишните Игри на Комонвелтот. На негово задоволство, Киплимо ја искористи оваа пригода, освојувајќи историска двојна титула на 5.000 и на 10.000 метри.
– Беше многу убаво да се види тоа што го постигна тој за Уганда. Бев толку горд на него – рече Чептегеи.
Тоа не само што му даде можност на Киплимо да ги освои своите први сениорски титули туку и да ги одбрани во име на Уганда признанијата освоени четири години претходно од Чептегеи, кого Киплимо го опишува како „мојот долгогодишен ментор“.
– Џошуа ми дава многу охрабрувачки совети во претходните четири години. Тој многу се грижи за мене и ми кажува што да правам за да бидам успешен. Тој ми беше добар пријател, навистина се дополнуваме – објасни Киплимо.

ПРИЈАТЕЛСКИ РИВАЛИ

Неодамна се чини дека ученикот можеби добива предност над мајсторот, кога Киплимо стана шампион на СП во крос-кантри во февруари, каде што Чептегеи беше трет, а помладиот, исто така, го победи својот ментор на неделниот полумаратон во Њујорк.
– На крајот на денот, мора да прифатиме дека едниот од нас ќе излезе подобар од другиот – изјави Чептегеи за „Би-би-си“ пред таа трка.
Чептегеј се огласи на социјалните мрежи и по трката во Големото Јаболко, не само за да открие дека е задоволен од неговиот настап туку и да му честита на Киплимо за победата.
– И двајцата имаме свои индивидуални цели и визии, но по трката ќе славиме, кој и да победи. Тоа е нова територија за мене (полумаратонот). Сметам дека е добро време за мене да научам како да трчам на долги патеки, оти знам дека во иднина ќе треба да ја напуштам патеката – изјави Чептегеи.

ИЗГРАДБА НА „АТЛЕТСКА МОЌНОСТ“

Важноста на Чептегеи и Киплимо за спортот во Уганда не треба да се потцени. Пред ЛОИ во Токио 2020 година, Уганда имаше вкупно само седум медали на сите претходни игри. Во Јапонија, Чептегеи и Киплимо додадоа уште половина, освојувајќи три медали (Чептегеи освои злато на 5.000 м и сребро на 10.000 м, додека Киплимо освои бронза на 10.000 м). Тимскиот колега Перут Чемутаи ги направи историски ЛОИ кога стана првата жена од Уганда што освоила медал со првото место на 3.000 метри стиплчез.
Киплимо сака тие настапи и неговата врска со Чептегеи да ги поттикнат другите, откако изјави дека фокусот е „како нашето единство може да помогне да инспирираме повеќе спортисти да му се приклучат на спортот и да обезбедиме Уганда да стане атлетска сила“.
– Работиме напорно за да ја ставиме Уганда на глобалната мапа за трчање. И тоа можеме да го постигнеме само со отворање на патот за оние што доаѓаат зад нас – додава Киплимо.
Но далеку од патеката, колку се блиски двајцата пријатели и ривали? За Киплимо, одговорот доаѓа без многу двоумење.
– Џошуа ми е како тато или вујко – откри светскиот рекордер во полумаратон.
Од Чептегеи одговорот е сличен, дури и ако не може да не открие една можна фрактура во врската.
– Тој е семејство. Всушност, нашите семејства се среќаваат за да го прослават Божиќ заедно. Имаме многу заедничко, иако тој е навивач на Арсенал, додека јас сум горд на Манчестер јунајтед – дециден е Чептегеи.
Ако го оставиме фудбалот настрана, ова е спортско ривалство се чини дека нема да стане со лош карактер наскоро.
– Важниот аспект е да се задржи чувството на припадност бидејќи ќе се пензионираме по неколку години, но сепак ќе останеме роднини. Братството и односот што го имаме како семејство се поголеми од трчањето – вели Чептегеи. Г.И.