Фото: Игор Бансколиев

Истражувањата покажуваат дека вештачката интелигенција најбрзо може да се вклучи во образовните процеси, особено во предметите со општествено- социјален карактер. Во тој контекст, македонскиот предизвик во образованието со печатењето учебници личи на анахронизам, но реалноста на состојбите во општествено-социјалниот аспект во Македонија, според професорот Илија Ацески, би претставувала особен предизвик и за вештачката интелигенција

Светот размислува за вклучување на вештачката интелигенција во образованието, кај нас не може да се испечатат учебници?!

Додека парадигмата на актуелните предизвици за образованието и иднината на генерациите во Македонија симболично се отсликува во финансиската неможност за печатење учебници за стручните предмети во средното образование, на глобален план се истражува кои работни места ќе ги преземе вештачката интелигенција. На тоа прашање се обиделе да одговорат група професори од неколку престижни американски универзитети.
Група професори од Универзитетот во Њујорк, универзитетот „Принстон“ и Универзитетот во Пенсилванија во својот нов труд, со наслов „Како четботите, како ЧетГПТ (ChatGPT), ќе влијаат на професиите и различните индустрии?“, се обидоа да расветлат кои занимања ќе бидат првите што ќе бидат погодени од најбрзорастечката технологија во светот. Иако научната работа сè уште не е целосно завршена, досегашните наоди се фасцинантни.
– Веруваме дека новите откритија во вештачката интелигенција најмногу ќе влијаат на работниците во телемаркетингот, а потоа на професорите што предаваат јазици, литература и историја во средните училишта – наведуваат научниците.
Меѓу главните индустрии каде што вештачката интелигенција би можела да стане доминантна се правниот и финансискиот сектор.
Истражувањата покажуваат дека вештачката интелигенција најбрзо може да се вклучи во образовните процеси, особено во предметите со општествено- социјален карактер. Во тој контекст, македонскиот предизвик во образованието со печатењето учебници личи на анахронизам, но реалноста на состојбите во општествено-социјалниот аспект во Македонија, според професорот Илија Ацески, би претставувала особен предизвик и за вештачката интелигенција.
– Не сум сигурен дека вештачката интелигенција може да ја објасни Македонија. Во нашето општество, особено во последниве десетина години, се продуцираат толку контрадикторни процеси, состојби, настани и случувања, необјасниви според принципите и законитостите на социјалните дисциплини, што тешко би ги систематизирала и вештачката интелигенција. Ние како професори автори на учебници се соочуваме со предизвикот како на децата во основно образование да им ги доведеме во корелација моралните, етичките и социјалните принципи, со реалните состојби со кои секојдневно се соочуваат и ги живеат. Можеби најсликовит пример за судирот на реалноста со општествените принципи е како да им се објасни и да се научат децата на меѓуетнички соживот, толеранција и комуникација, кога учат во училишта етнички строго поделени. Како дете на возраст кога формира поинтензивен поглед на свет, ако му се постават таквите елементарни позиции без критичко согледување, ќе формираа светоглед што соодветствува на реалноста? А колку и да е напредна вештачката интелигенција, сепак и за неа е предизвик да ја процесира реалноста, која со многу елементи е спротивна на логичките принципи – вели професорот Илија Ацески.


Да ја прифатиме идејата за доживотно учење

Мигел Санчез, економист во Одделот за истражување на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и коавтор на извештајот „Социјални перспективи и перспективи за вработување во светот: трендови 2023“, е оптимист, бидејќи, според него, нови работни места низ историјата секогаш го компензирале исчезнувањето на старите. Според Федерико Салиола, раководител на секторот за социјално осигурување и работа на Светската банка, автоматизацијата секогаш оди рака под рака со иновациите, а иновациите отвораат нови работни места.
– Технологијата е непредвидлива, но она што е сигурно е дека работниците во иднина ќе мора да бидат поприспособливи. Мораме да ја прифатиме идејата за доживотно учење -заклучува Салиола.