Фронтот во разузнавачката војна помеѓу Европа и Русија моментно се протега долж мирната улица „Пик“ во естонскиот главен град Талин, пишува „Политико“.
Зад прозорците на тивката руска амбасада, испразнетите бироа, вклучувајќи го и амбасадорското, сведочат за зацврствувањето на ставовите на Естонија, која алармираше за наводни руски разузнавачки акции и кампањи за влијание по избивањето на војната во Украина.
Минатиот месец, Естонија протера вкупно 21 вработен во руската амбасада, соопштувајќи дека ќе овозможи присуство за осум руски дипломатски претставници на нејзината територија, исто колку што брои естонското дипломатско присуство во Москва.
Кремљ набргу одговори со протерување на естонскиот амбасадор Маргус Лаидре од Русија, што беше прв таков чин во годината на избивање на војната во Украина. Талин потоа го ускрати престојот на рускиот амбасадор Владимир Липајев на улицата „Пик“.
Минатата недела, Естонија протера уште еден руски дипломат, обвинувајќи го за ширење пропаганда што предизвикува поделби во естонското општество.
– Ограничувајќи ја можноста на Русија да презема дејствија, мислам дека им служи на нашите национални интереси. Беше намера на Естонија да ги замрзне односите на различни начини – кажа шефот на естонската дипломатија Урмас Реинсалу во интервју за „Политико“.
Ескалацијата на дипломатскиот судир покрена незгодно стратешко прашање за европските земји – дали жртвувањето на присуството на искусен дипломат што може да ја следи одблиску ситуација во Москва е со превисока цена во однос на протерувањето на руските дипломати?
Балтичките соседи го следеа примерот на Талин. Летонија го повлече нејзиниот амбасадор од Москва во знак на солидарност со Естонија, а така постапи и Литванија, поради избивањето на војната во Украина.
Но другите европски влади остануваат попретпазливи, со што нивните амбасадори пренесуваат информации од Москва, исто како што тоа го прават и руските претставници кај нив. Мислењата за ова прашање во Естонија се поделени, откако тамошните власти и претходно се жалеа поради наводни акции на руското разузнавање.
Естонски војник во 2018 година беше осуден за предавство поради откривање на воени тајни на руски разузнавач, а поранешен вработен на внатрешната безбедносна служба на Естонија, во 2019 година беше осуден на пет години затвор, поради обвиненија за шпионирање за Москва.
По избивањето на војната во Украина во февруари минатата година, повеќе европски држави протераа околу 300 руски дипломати ширум Стариот Континент.