Најмалку 1.109 парчиња од колекцијата на музејот претходно биле во сопственост на поединци обвинети или осудени за злосторства, вклучувајќи и грабеж и трговија со луѓе, открија ИЦИЈ и непрофитната организација „Фајнанс анкаверд“, во потрагата по колекцијата на антиквитети на „Мет“
Музејот на уметноста „Метрополитен“ во Њујорк има повеќе од 1.000 предмети во својата колекција поврзани со лица наводно вклучени во злосторства поврзани со трговијата со антиквитети, се вели во новиот извештај на Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ). Најмалку 1.109 парчиња од колекцијата на музејот претходно биле во сопственост на поединци обвинети или осудени за злосторства, вклучувајќи и грабеж и трговија со луѓе, открија ИЦИЈ и непрофитната организација „Фајнанс анкаверд“, во потрагата по колекцијата на антиквитети на „Мет“. Од тие предмети, помалку од половина имаат достапни записи со детали како ги напуштиле земјите од кои потекнуваат. А од повеќе од 250 антиквитети што се поврзани со Непал и Кашмир, две места особено тешко погодени од грабежи, според ИЦИЈ, само три се наведени со записи што објаснуваат како предметите ги напуштиле своите области на потекло. Според ИЦИЈ, многу предмети во колекцијата имаат јасни врски со поединци што биле вклучени во грабеж или трговија со антиквитети.
Музејот има речиси дваесет примероци што некогаш му припаѓале на американскиот продавач на антиквитети Роберт Е. Хехт. „Мет“ првпат почна да набавува предмети од Хехт во 1950-тите години и продолжи да го прави тоа дури и откако Хехт беше обвинет за шверц од италијанските обвинители во 1959 и 1961 година. Случајот против Хехт подоцна беше отфрлен, кога му застаре делото, а Хехт почина во 2012 година, откако постојано негираше дека играл каква било улога во нелегален извоз на уметност. „Небесна танчарка (Девата)“, индиска статуа од 11 век во колекцијата на „Мет“, е поврзана со осудениот шверцер на антиквитети Субхаш Капур. „Мет“ исто така има повеќе од 800 предмети што некогаш му припаѓале на Џонатан П. Розен, деловниот партнер на Хехт, кој беше обвинет заедно со Хехт во Италија во 1997 година.
Во 2008 година, Музејот на уметноста во Кливленд се согласи да ги врати предметите од своите колекции што ги набавил Розен откако дознал дека тие наводно биле украдени, а во 2013 година универзитетот „Корнел“ се согласил да врати околу 10.000 антички ирачки плочи донирани од Розен, пишува „Лос Анџелес тајмс“. Во тоа време, адвокатот на Розен негираше дека плочите биле набавени незаконски.
Други 85 парчиња од колекцијата на „Мет“ се поврзани со Субхаш Капур, кој минатата година беше осуден на десет години затвор во Индија за трговија со луѓе.
– „Метрополитен“ дава насоки за музеите низ светот. Ако „Мет“ дозволува сите овие работи да пропаднат, каква надеж имаме за остатокот од уметничкиот пазар – изјави за ИЦИЈ Тес Дејвис, извршна директорка на невладината организација за борба против трговијата со антиквитети „Антиквитис коалишн“.
Во 2019 година, музејот се согласи да го врати златниот ковчег стар 2.000 години од Стариот Египет, кој беше во центарот на вниманието откако реалити ТВ-ѕвездата Ким Кардашијан позираше со артефактот за време на манифестацијата „Мет гала“ во 2019 година. Истрагата на канцеларијата на окружниот обвинител на Менхетн потврди дека ковчегот е украден и дека музејот го купил парчето откако дилер им покажал „лошо фалсификувана“ извозна дозвола, пишува „Си-ен-ен“.