Рецензија

Во најновиот роман на Венко Андоновски „Папокот на светлината“ еден од ликовите – отец Јаков, ќе каже: „…најголемата демократија не е надвор, туку во човека: тој има слобода да избира дали ќе прави добро или зло. Ако луѓето се зли затоа што нема демократија, како тогаш ќе се објаснат сите добрини што се направени кога општествата не знаеле ниту за слобода ниту за еднаквост. Добрините постоеле и во најмрачните периоди, отсекогаш“. Од цитатот сакаме да го извлечеме она што зборува за човекот – слободен во изборот. Ако го исклучиме теоцентризмот, а мислам дека во наукот на отецот Јаков нецелосно е исклучен, можеме да се согласиме дека антропоцентризмот е во вистинска смисла конструктор на духовна градба на современиот човек. Тој може да избира, како што мора да ја преземе и одговорноста од изборот. Како пример за дообјаснување се земаат Авраам и одлуката да го жртвува синот единец. Авраам имал можност да избере – да верува или да не верува дека гласот е божји, како и да избира дали да го жртвува својот син. Личниот избор и прифаќањето на одговорноста по изборот е демократија што не треба да се бара надвор од него. Што се однесува до животот на современиот човек, можеме да кажеме дека многу средства како резултат на технолошкиот прогрес придонесуваат човекот да сфати дека демократијата е во него. Ако некогаш, назад во вековите, биле ограничени изворите на информации, денес имаме наплив – поплава. Поплавата не оди само во корист на дедо Ноевците, туку во корист на демократијата. Едноставно речено, човекот има право да избира во која вода ќе плива. Има булук образовни центри, како што има булук национални радија и телевизиски куќи. Има булук дистрибутери на филмови, организатори на концерти и сл. Сите нудат содржини што адресантот ги испорачува до адресатот како пораки. Сето тоа зборува на најдобар начин за слободата на човекот.

Денешниот човек е слободен, зашто може да избира дали ќе му се препушти на стравот од Бога или на стравот од Америка и Русија. Дали ќе се приклучи на мрежата на Фејсбук или на Твитер. Дали ќе гласа за Курто или за Мурто. Тоа значи длабоко ја вкоренил демократијата во себе. Тоа дека Америка и нивните тајни служби, како и Русија, па и моќниците низ светот можат да влијаат на нашата одлука е исто како и божјиот глас што можел да влијае на Авраам. Значи не било до божјиот глас, туку до одлуката на Авраам, Европа, па и светот ни праќаат глас да го жртвуваме идентитетот. Наше е да одлучиме дали тој глас е вистински или е фикција. Наше е да одлучиме дали ќе ги ставиме идентитетот, македонизмот на жртвеникот. Оваа тема не ја исцрпува содржината на романот, зашто во истиот тој се јавува и темата за паралелните животи, сликовито прикажана преку потцртувањето на исти фрагменти од исти прочитани книги. Во неа се огледа поврзаноста на содржината со трансцедентализмот на Хенри Торо. За тоа, како кај Торо, говори куќарката надвор од градот, покрај железничката пруга, во која главниот лик од романот на Андоновски, сака да биде сам за да има објективен поглед на сето она што се случува во градот. Содржината на романот ја чинат приказните на трите лика, насловени со имињата на нараторите – Лела, Ања и Јас (белег на солипсизмот). Агонот на носителите на дејствието е конструкт на мислата за постоење паралелни животи, односно повторувањето на времето. Според Харолд Блум, американски литерат, „Поетската сила се придобива само преку победоносна борба со највеликите покојници и преку еден уште попобедоносна солипсизмот.“ Главниот лик во романот на Андоновски е во таква акција. Во ободот да го заштити себството се соочува со наукот дека материјата не умира, ја менува само формата, времето не се враќа назад, ама се повторува, материјалниот свет настанува од ништото. Ќе бидеме уште појасни во анализата ако го додадеме и цитат од Емерсон, објавен во огледот на Харолд Блум, „Поетското потекло и крајните етапи“: „Трагично е, но е мошне доцна за да биде поправено, кога ќе откриеме дека суштествуваме. Тоа откритие го имаме како паѓање на човекот кон првиот грев (тежок морален престап). Оттука натаму ние секогаш ги подозитраме силите што управуваат со нас. Веќе сме дознале дека гледаме преку посредник и дека сме беспомошни да ги промениме тие обоени, изопачени стакла што самите ги претставуваме или да ги пресметаме грешките.“ Читајќи го романот постојано се присетував на Книгата на патот и доблеста на Лао Це, на роман „Браќа Карамазови“ на Достоевски, особено на старецот Зосима, на христијанскиот егзистенционализам на Карл Јасперс, на Ками. Таквите асоцијации му дават на романот величие на дело со теза, со идеја што го обврзува авторот на експлицитност во пласманот. Во складниот распоред на материјалот и брзиот развој дејствието, Андоновски се служи со техники што го прават наративот компактен и разбирлив. Па така, лесно се извлекува поентата, папокот на светлината, небото на сознанието, не е надвор од нас, од она што сме, од љубовта кон блиските, од домот.

Трајче Кацаров