Фото: Принтскрин

Се верува дека еден од најбараните светски бегалци, јужнокорејскиот државјанин До Квон, е уапсен во Подгорица, како што соопшти тамошниот министер за внатрешни работи, Филип Аџиќ.

– Црногорската полиција приведе лице, кое е осомничено дека е еден од најбараните бегалци, јужнокорејскиот државјанин До Квон, коосновач и извршен директор на компанијата „Тераформ лапс“ со седиште во Сингапур – наведе Аџиќ на Твитер.

Се смета дека Јужнокореецот, познат како поранешниот крал на криптовалутите, е одговорен за загуби од преку 40 милијарди долари на глобално ниво по пропаѓањето на криптоплатформата „Тера“. Инвеститорите го обвинуваа за измама по пропаѓањето на неговата компанија.

„Тераформ лапс“ стоеше зад криптовалутите Тера и Луна, чие пропаѓање во мај минатата година ја покрена т.н. „криптозима“ (се карактеризира со остар пад на вредноста на криптовалутите, проследен со пад на тргувањето и повеќемесечен застој на пазарот).

Осомничениот бил приведен на аеродромот во Подгорица со фалсификувани документи. По него трагаа Јужна Кореја, САД и Сингапур. Неговиот идентитет наводно го потврдила и корејската полиција, по спроведената проверка.

Неколку месеци пред апсењето, се претпоставуваше дека До Квон можеби се крие во Србија, според сознанијата на јужнокорејското обвинителство за кои извести „Си-ен-ен“. Тој преку Твитер тврдеше дека обвиненијата против него се политички мотивирани, како и дека не е во бегство, иако одби да каже каде се наоѓа.