Тамара Димитрова

 

Целта беше уште пред четири години да се понуди нешто различно, нешто што повеќе и подобро ќе ги разбере потребите на крајните корисници, кога знаеме дека класичните начини на кои се прави истражување на пазарот се премногу пристрасни и лесно може да одведат во погрешна насока, вели Тамара Димитрова, која е една од тројцата основачи на оваа стартап-компанија

Стартап-компанијата „Импала“ успешно навлегува во областа на невромаркетингот

„Импала“ е компанија што работи во дејноста на истражување и развој во технологиите поврзани со вештачка интелигенција и невромаркетинг. Тимот на компанијата е спој на комплементарни личности, кои доаѓаат од сосема различни индустрии. Технолошки напредното решение, платформата „Импала“, е плод на нивното досегашно искуство од истражување на пазарот и од областа на еволуциската психологија и теоријата на иновации, на повеќегодишно истражување во компјутерските науки, на теми поврзани со машинско учење и вештачка интелигенција, дополнети со знаења и вештини од ИКТ-индустријата. За тоа што претставува оваа платформа и како се користи таа во невромаркетингот разговаравме со Тамара Димитрова, која е една од тројцата основачи на оваа стартап-компанија.

Вашата компанија дејствува во областа на невромаркетингот. Ова е нов термин, непознат за пошироката јавност. Што, всушност, претставува невромаркетингот?
– Невромаркетингот е област што истражува како нашиот мозок реагира на различни стимули што му се дадени, користејќи научни техники што разбираат како функционира мозокот кога ќе му бидат презентирани различен тип визуелни стимули. Традиционалните методи за примена не невромаркетинг вклучуваат очила за следење поглед со голема прецизност, како и ЕЕГ-капи за детекција на емотивна состојба и статус, мерила на галванов рефлекс и сл. Новите форми на невромаркетинг вклучуваат препознавање движење на зеница, како и емотивна состојба со детекција преку камера од компјутер. Со тоа, се таргетира одговор од нерационалниот дел од мозокот, оној што се случува во првите пет секунди кога набљудуваме нешто, без да го вклучиме директно разумот.
Можете ли да ни објасните во што се состои вашето решение?
– Нашето решение е платформа на која секој може да направи кориснички профил, да прикачи неколку стимулуси, да испрати линк со анкета до својата целна група и да ги следи нивните неконтролирани реакции, за што подоцна ќе може да донесе информирани одлуки, кои ќе му донесат поголема успешност.
Од каде дојде мотивот да истражувате во оваа област, кога знаеме дека македонските компании користат класични форми на истражување на пазарот за одреден производ?
– Целта беше уште пред четири години да се понуди нешто различно, нешто што повеќе и подобро ќе ги разбере потребите на крајните корисници, кога знаеме дека класичните начини на кои се прави истражување на пазарот се премногу пристрасни и лесно може да одведат во погрешна насока. Затоа, преку две теории што се појавуваат на почетокот на 20 век, на Даниел Канеман (нобеловец) и Пол Екман, започнавме со дизајн на решение, кое преку овие две теории ќе овозможи да се стигне до подобар фидбек од крајните корисници. Даниел Канеман ја објавува неговата теорија за систем 1 (брз, интуитивен и емотивен) и систем 2 (побавен и рационален), каде што опишува дека систем 1 честопати е прекурсор на систем 2, што значи дека целиот фидбек што ние го собираме со традиционалниот начин на правење на истражување на пазарот е под влијание на нешто што воопшто не го земаме предвид. Тука започнавме со истражување кои се начините на кои можеме да таргетираме и извлечеме одговори токму од систем 1, кој е одговорен за генералното однесување на луѓето. Во исто време се појавува и теоријата на Пол Екман, кој вели дека со следење на микроекспресиите на лицето на луѓето може да се детектираат шест базични емоции. Така, имајќи солидна научна основа за развој, започнавме да работиме за да создадеме систем што во секое време, каде било, брзо, ќе успева да ги детектира емоциите и да го следи погледот,им за што ќе даде соодветни резултати на луѓето што создаваат некакви решенија: маркетинг-кампањи, слогани, дизајни, содржина, продукти, пакувања и сл.
Колку соработката со акцелераторот УКИМ ви овозможи да ги реализирате своите решенија?
– Соработката со акцелераторот УКИМ ни помага да покажеме дека постои пазар за продуктот, дека го користат различен таргет на луѓе: дизајнери, маркетери, продуктни менаџери во своите секојдневни работни обврски и дека компаниите имаат интерес и бенефиција од резултатите што ги добиваат преку нашата платформа. Дополнително, преку различни консултации, ни помогнаа да детектираме кој сѐ може да го користи ова нешто, во какви сценарија, како да го поставиме успешно бизнис-моделот, како да ја направиме политиката за наплата најдобро што може така што ќе биде достапна до поширока публика. Сето ова ни помага во следната фаза, најверојатно наредната година, да го скалираме продуктот глобално, со понатамошна поддршка.
Кои се придобивките за компаниите од користење на решението за тестирањето на производите и кампањите? Може ли да ни посочите пример за тоа како може да се предвиди однесувањето на потрошувачите при донесување одлуки, за тоа какви се реакциите на потрошувачите при носењето одлуки?
– Има неколку придобивки зошто професионалците и компаниите треба да го користат нашето решение за тестирање на нивните решенија. Најпрвин е многу брзо и цената е 10 пати пониска од стандардните истражувања, каде што се најмува конкретна агенција за истражување на пазарот. Потоа, се добиваат реални податоци што помагаат да се донесат информирани одлуки, со кои може да се адаптираат продуктни стратегии брзо. Платформата е едноставна и лесна за користење дури и за оние што немаат премногу големи технички познавања. Може лесно да се адаптира според најразлични потреби на крајните корисници и да дава различни типови резултати што ќе ни донесат поширок спектар на информации, со цел да донесат подобра и поинформирана одлука. Неколку клиенти ја имаат користено платформата за да одберат слоган за кампања, со цел да ги евоцираат емоциите што ги очекуваат, при пласирање нов производ да ја одредат ценовната политика и како луѓето реагираат во насока на цена-волумен, за тестирање визуелен идентитет на различни производи при ребрендирање или при пласирање нов производ, за тестирање визуелен идентитет на нова компанија и во уште многу голем број сценарија.
Какви се вашите очекувања за тоа колку може да биде применлив невромаркетингот во иднина? И дали тој може да биде применлив и за наши, македонски услови?
– Невромаркетингот може да биде применет во многу широк спектар на сценарија. Веќе десетина македонски компании го користат и ние ќе работиме засилено во наредниот период нивниот број да започне експоненцијално да расте, како во нашата земја, така и во целиот регион. Во моментов ја адаптираме платформата да биде применлива и во одделот на човечки ресурси, каде што значително ќе се зголеми бројот на компании што може да ја користат, дури и да немаат креативни оддели. М.Ј.


Со инвестиции во 10 стартап-компании, акцелераторот УКИМ ја зајакнува својата улога како центар за развој на иновации. Акцелераторот УКИМ на 13 март 2023 година во просториите на центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ, ги претстави резултатите од работењето во изминативе четири години и ги презентира новите три инвестиции во стартап-компании пред повеќе од 100 гости од академската заедница, приватниот сектор и инвеститори… Акцелераторот УКИМ е основан во 2018 година од страна на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и уште три содружници со специјалност во управување со инвестициското портфолио и развој на бизнисот: РС Македонија, развојната фондација „Кримсон“ и фондацијата „Проф. д-р Димитар Стамболиев“. Овие партнерства го прават акцелераторот УКИМ единствен во неговата способност да обезбедува квалитетни и уникатни услуги за заедницата на иноватори и претприемачи, како и совршена можност да се поврзе академијата со приватниот сектор. Акцелераторот УКИМ, кој инвестираше 533.000 евра во 10 стартапи, покажа дека македонските стартапи сериозно работат на својата инвестициска подготвеност и истите тие обезбедија дополнителни еден милион евра, но и дека со заедничка соработка и поддршка можеме побрзо да растеме и да се развиваме.